32 НЕДЕЛА ПO ПЕДЕСЕТНИЦА

Нa 29.01.2017 гoдинa, вo 32 Неделa пo Педесетницa, вo хрaмoт “хрaмoтСв. Никoлa” вo Перт, Зaпaднa Австралија, беше oтслуженa светa aрхиерејскa Литургија, нa кoјa чинoнaчaлствувaше Негoвoтo Висoкoпреoсвештенствo Митрoпoлитoт Дебaрскo-кичевски и Администрaтoр Австрaлискo-сиднејски г. Тимoтеј, вo сoслужение нa прoтoереите Стaнкo Јoвaнoвски и Никoлa Христoски и прoтoѓaкoнoт Никoлче Ѓурѓинoски. Пo завршувањето нa Литургијата, Митрополитот Тимoтеј се обрати кон верниците сo пригoднa беседa, кoјa ви јa пренесувaме вo целост.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Во денешното Евангелско четиво ја слушнавме параболата за богатиот цариник Закхеј. Царинската служба кај Израилскиот народ била омразена, бидејќи, тие биле службеници на Римската власт и народот ги доживувал како окупатори и експлоататори за туѓи цели. Се разбира дека, како привилегирани луѓе, некои од нив ја злоупотребувале нивната царинска позиција, па често пати наплаќале и многу повеќе од она што било предвидено со римските прецизни и егзактни закони. Еден од таквите цариници е и описот на овој Закхеј, кој слушнал за Христа и за Неговата проповед и изразил желба да Го види. Но, бидејќи бил низок по раст, а имал силна желба да Го види Христа, истрчал и се качил на едно дрво покрај кое требало да помине Христос со учениците. Закхеј бил свесен дека неговата служба, а и самиот тој, кој бил началник на цариниците, не е популарна кај народот, па и затоа се обидувал на некој начин да не го провоцира Израилскиот род, туку, се задоволувал само со поглед да Го види Господа Исуса Христа. Но, нашиот Спасител Господ Исус Христос, кој ги знае срцата, душите и помислите на секој човек, ја видел верата и желбата на овој цариник и кога застанал под дрвото го повикува Закхеј: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом” (Лк. 19, 5).

Народот кој Го следел Христа, заслепен, и духовно и телесно, од омраза и пакост кон сè што не мисли и не работи според нивните критериуми и разбирања, настапува со осудување и кон Господа Христа, а уште повеќе кон Закхеј, давајќи му епитет на осуда како грешен човек. Но, Господ Христос не обрнува внимание на јавното мислење и знае дека е необјективно и неисправно и оди во домот на овој човек и му вели: „Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов” (Лк. 19, 9). Љубовта што ја покажува Господ Христос кон овој цариник толку многу ќе го погоди Закхеј, што тој јавно ќе се исповеда и дека е подготвен да Го прими Христа, а не само да Го нагости. „Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам” (Лк. 19, 8).

Преку овој настан, нашиот Спасител Господ Исус Христос, сакал да ги поучи Јудеите дека Он навистина е пратеник Божји, односно Син Божји. Он најпрво доаѓа да го избави и спаси Избраниот, Еврејскиот народ, но, не доаѓа само за нив, туку доаѓа за севкупниот човечки род. Како што тогаш ја испратил пораката до Еврејскиот народ, така, ни испраќа и нам порака, да не се залажуваме со тоа што сме крстени и со тоа што потекнуваме од еден православен род дека ќе бидеме спасени и по автоматизам ќе влеземе во царството Божјо. Нашето потекло и нашата прадедовска вера неспорно ни помагаат полесно да ја воспримиме верата, учењето и традициите во коишто сме одгледувани и негувани. Но, тоа не е доволно. Потребен е и наш влог, наше ангажирање, наше партиципирање и делување како вистински христијани. Христијани кои го исповедаме Господа Христа не само со збор, туку, со севкупниот наш живот, со вера, постапки и дела.

Да се поучиме од денешното св. Евангелие, па и ние да отфрлиме од нашите срца и души секакви лоши мисли и постапки. А преку тоа, да направиме достојно место во нашите срца, да може и кај нас да влезе Господ Христос. Да престојува со нас, да нè осветли и просвети, да живееме со Него и во Него, со вера и правда изразена преку правење добродетели. Па така, да спечалиме милост Божја и да го наследиме ветеното царство, сега и во сета вечност. Амин!

32. Недела по Педесетница
29. 01. 2017 година
Храм „Св. Никола”, Перт, Австралија

Преземено од: http://dke.org.mk/index.php/2960-32-o