Австралиско-сиднејската епархија со голема и свечена прослава ги прослави големите јубилеи

Во Рокдејл – Сиднеј (Нов Јужен Велс) во присуство на многуброен македонски народ, гости и претставници од општествената јавност, викендов беше одржана долго најавуваната прослава, по повод големите јубилеи: „50 години од прогласувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква (17 јули 1967 – 2017)“ и „26 години од Денот на прогласувањето на независноста на Република Македонија (08 септември 1991 – 2017)“. Прославата беше централна манифестација за македонската дијаспора и траеше три дена.  Таа беше организирана од страна на Австралиско – сиднејската  епархија со благослов на надлежниот архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј.

Прославата започна на ден 08 септември (петок) со почеток во 19:30 часот со свечена академија и банкет во Македонскиот културен центар „Илинден“, каде што многубројните гости беа почестени со многу богата научна, културно – уметничка и фолклорна програма. На свечената академија покрај огромниот број на македонскиот народ, кој се собра од сите краишта на Австралија, присуствуваа и: преставници и свештенство од Австралиско-сиднејската епархија, преставници од Помесните православни цркви, претставници на Македонската заедница, потоа Неговата екселенција, Амбасадорот на Р. Македонија во Австралија г. Веле Трпевски, како и преставници од културниот и општествено-политичкиот врв на Австралија. Присуство на прославата зедоа и пратениците од Собранието на Австралија: г. Lou Amato (Либерална партија) и г. Stephen Jones (Социјалистичка партија).

Со пеење на молитвата „Оче наш“ и благослов од свештенството започна свечената академија, на која најпрво беше прочитано посланието на нашиот почитуван и многуценет архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, кој иако оправдано не можеше телесно да присуствува, сепак тој наш пастир и таа вечер беше присутен меѓу нам, со своето послание, кое го испрати до нас, како некогаш апостолот Павле кој им пишувал на Македонците. (целосното обраќање на Митрополитот г. Тимотеј можете да го прочитате на следниот линк: http://mpcaus.org/obrakanje-na-dedo-timotej-do-ase/ ).

Она што е особено важно да се нагласи – е тоа што за оваа наша прослава слушнаа и останатите народи во Австралија, како и Помесните православни цркви, кои испратија свои преставници на свечената прослава да ја споделат нашата радост. Посебно Руската Задгранична Православна Црква, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Австралиско – новозеландски г. Иларион испрати своја телеграма, која беше прочитана на прославата од нивниот преставник. Ја користиме оваа прилика јавно да им се заблагодарам за тоа дело и за искрената подршка.

Отакако беше прочитана телеграмата, свое излагање за големината на јубилеите одржа почитуваниот отец, Неговото преподобие игуменот Гаврил (Галев), кој во својот говор направи една историска рекапитулација со која на сите гости им стана јасна значајноста на настаните кои ги прославивме. (целосното обраќање на игуменот Гаврил можете да го прочитате на следниот линк: http://mpcaus.org/slovo-po-povod-proslavata-igumen-gavril/ ). Исто така свој говор одржа и заменик претседателот на Епархијата г. Љупчо Стефановски, кој говореше за голема улога, која ја одиграла дијаспората во овие значајни настани, како и за современите проблеми и предизвици. Потоа на присутните им се обрати и Неговата екселенција, Амбасадорот на Република Македонија во Австралија, г. Веле Трпевски кој истакна дека македонскиот народ е не покорен народ и затоа како таков повторно се изборил за самостојна црква и држава. Веднаш потоа започна богатата  културно-уметничка и фолклорна програма со Културно уметничките друштва „Илинден“ од Сиднеј и „Млада Македонка“ од Волонгонг. Свој настап пред присутните имаше и Диана Трајковски – професионален музичар, изведувач и професор по удирачки инструменти, која настапи како соло артист, преставувајќи се со едно македонско традиционално дело, кое се вика Касапско оро од виртуозот Тале Огненовски.

Утредента, на ден 09 септември (сабота) кога Светата Црква го прославува споменот на свети преп. Пимен Велики и на свети вмч. Фануриј – продолжи прославата со Света божествена литургија во храмот „Света Петка“ во Рокдејл. На Литургијата учество зедоа и му сослужуваа на игуменот Гаврил (Галев) и свештениците: протојереј – ставрофор Ефтим Бетински протојереј – ставрофор, Ѓоргија Лапоски и јереј Радојчо Митрев. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ. Кон присутните со слово се обрати игуменот Гаврил (Галев). Празничната радост се гледаше на лицата на присутните.

На ден 10 септември (недела) започна веќе третиот и последен ден од централната прослава. По Божествената литургија во храмот „Света Петка“, прославата продолжи на плоштадот во општината Рокдејл, каде на многубројниот народ го прославуваше денот на независноста на Р. Македонија. На собраниот народ им се обрати Неговата екселенција, Амбасадорот г. Веле Трпевски. Освен Амбасадорот, на присутните се обрати и заменик претседателот на Македонската православна младина на Австралија (MOYA), г. Ананија Ананиевски, кој е и член на Епархискиот црковно – просветен совет (целосното негово обраќање можете да го прочитате на следниот линк: http://mpcaus.org/govor-jubilej-ananija/). Потоа започна богатата  културно-уметничка и фолклорна програма со Културно уметничкото друштво „Илинден“. По што беше затворена овогодинешната успешна прослава.

Ја користам оваа прилика од наше име како  Одбор за организација на прославата – да се заблагодариме на македонскиот народ, кој зеде огромно учество на сите настани и со тоа даде голема подршка на целата манифестација, како и на сите оние кои на некој начин допринесоа оваа централна прослава успешно да помине во најдобро празнично расположение и да биде запаметена како настан за паметење.

Дај Боже да си дочекаме уште многу други јубилеи и прослави. Вечна да ни е Татковината и Светата Црква. За многу години!

Со почит,

Одборот за организација

на јубилејната прослава