Беседа за празникот Цветници

Денес го празнуваме споменот на величественото влегување на Господа во Ерусалим. Тоа е еден од највпечатливите моменти во овоземниот живот на Спасителот.

За да можеме поживо да си го претставиме тоа случување и од него да извлечеме поголема поука, мислено да се пренесеме во она време, во оној ден кога тоа се случило.

Светиот град Ерусалим се подготувал за големиот празник Пасха. За тој празник во градот доаѓале многу луѓе, не само од цела Палестина, туку и од сите држави каде што живееле Евреите.

Сите тие слушале за Исуса Христа, за Неговото учење и за неговите чуда, и нивните души биле жедни да Го видат. Вчерашниот ден Христос бил во Витанија, каде што го воскреснал четиридневниот мртовец Лазар, а на денешниот, се упатил со Своите ученици за Ерусалим. Веста за Неговото доаѓање се разнесла со брзина на светлината меѓу ерусалимските граѓани и собраните поклоници. Сите, променати и дотерани, излегле надвор од градот да Го пресретнат.

А Он, седнат на осле, неизмерно кроток и смирен, придружуван од Своите ученици полека се приближувал кон светиот град. Средбата била величествена и торжествена. Едни ги постилале своите алишта, други кинеле зелени палмови гранки и убави цвеќиња и го посипувале патот по кој минувал Исус. Радосната песна „Осана, на Синот Давидов, благословен е Кој иде во името Господово“ се леела од устите на децата и надалеку одекнувала, и нејзиното ехо се одбивало од ритчето Сион. Народот ликувал.

Меѓутоа, и покрај невидениот и торжествен дочек, небесниот цар Господ Христос одел со смиреност и со тага. Кога се искачил на Елеонската Гора од каде се гледал целиот Ерусалим, го упатил погледот кон големиот град и од Неговите благи очи потекле топли солзи.  Зошто Он леел солзи во тој момент кога Му се правела највеличествена средба? Која била причината за Неговата голема жалост? На тоа прашање ни одговара св. евангелист Лука: И кога се приближи и го виде градот, заплака за него (Лука 19,41). Христос како Богочовек ја видал тажната и страшна судбина на Ерусалим. Он ја знаел длабоката морална расипаност на неговите граѓани. Знаел дека тие, кои денес воодушевено Му пеат ‘Осана”, по некој ден  злобно ќе извикуваат: ‘Распни Го”. Срцевидецот Господ Христос го знаел сето тоа па затоа бил обземен со длабока жалост. Му било жал за градот што бил осуден на разурнување, му било жал за непослушниот народ кој бил осуден на расселување и на скитнички  живот.

И навистина, што сè не направил Христос за избраниот народ! Му го предал Своето возвишено учење за живот и за добросостојба. Зел учество во неговата радост и во тагата. Неговите болни, сакати и немоќни ги излекувал. Безброј чуда направил за Негова слава. Но! Јудејскиот народ си останал со тврдо срце. Колкупати Он сакал да ги собере под својата крепка десница, (Лука 13,54) но тие не сакале. Нивните водачи, книжниците и фарисеите се побуниле против Него. Барале погоден момент да Го фатат и да го извршат најгнасното дело во историјата – да Го убијат и да Го распнат на крст.

Големото злодело што го направиле Неговите сограѓани само по неколку дена од таа торжествена средба нè тера да негодуваме против ерусалимските граѓани. И, ако имавме власт, сигурно би ја изрекле најтешката пресуда врз нив.

Израилците само еднаш, на денот кога влегол Христос во Ерусалим, се покажале лесномислени и кривоклетници, а ние тоа го правиме секојдневно, со години. Многумина, веројатно, тоа ќе го повторуваат до крајот на својот живот…

Да обратиме внимание, браќа и сестри, и да ги отвориме очите врз бедната состојба на својата душа! Да се потрудиме, барем во наредните денови да бидеме постојани во љубовта кон Господа Исуса Христа, нашиот Спасител и Добротвор.

Еве, се привршува уште еден Велики пост. Да не биде како претходниот, повторување на лесномисленоста и непостојаноста пред Господа.

Да почнеме да живееме чисто и свето за да Го дочекаме Господа Исуса во Својата слава, во нашите душите и во своите домови. Амин.

Протојереј-ставрофор

Ефрим Бетински

01.04.2018

Мелбурн

 

[1] Беседа во Шестата недела од Великиот пост – Цветници – Јован 12,1-18.