Божествена литургија во храмот „Свeти Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн (Викторија)

На 09. 09. 2017 година, кога го празнуваме споменот на преподобен Пимен Велики; на преподобен Пимен Палестински; на светиот маченик Фануриј; на свети Осија, епископо Кордобски и на светисвештеномаченик Кукша и Пимен Посник, во црковната општина „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, старешината на храмот, јерејот Климент Станковски служеше Света Златоустова Литургија.

 

На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни и беа благословени фасилопитите.

 

 

Светиот маченик Фануриј

 

Кој бил и кога живеел овој светител не се знае. Многу се почитува на Родос и на Крит. Од нашите краишта во Прилеп и Битола. Во 1500 година им се јавил на некои на островот Родос и таму покажал чуда и исцеленија. Таму е пронајдена и една негова стара икона. На неа Фануриј е изобразен како млад војник, којшто во десната рака држи крст, а во левата запалена свеќа. Свети Фануриј многу се слави и во Мисир. Таму постои предание дека неговата мајка била голема и непоправлива грешничка. Но синовската љубов на Свети Фануриј кон неа била извонредна. Тој повеќе Му се молеше на Бога за спасението на својата мајка, одошто за своето. При неговото убиство, додека незнабожците го трупале со камења, светителот се молел: „Заради овие мои маки, помогни им Господи на сите што ќе се помолат за спасението на мојата грешна мајка.“ Во Мисир, а и кај нас, многумина така и се молат: „Спаси ја, Господи, грешната мајка на Свети Фануриј, а и мене, грешниот, помогни ми.“ И заради оваа молитва мнозина добиваат помош.

 

Во преданието постои благоговеен обичај за принесување на фануропита (или фанурија), како знак за благодарност на светителот за откривање на изгубени нешта. Откако фануропитата ќе се благослови, обично се разделува на собраните верници со зборовите: „Господ да ѝ прости на мајка му на св. Фануриј“. Сè додека овој чин се прави со страв Божји и во слава на споменот на маченикот, верните остануваат верни на Христа и Евангелието. Секоја девијација надвор од ваквото славење претставува потенцијална опасност за духовниот живот на верниците. Ние треба да сме свесни дека односот со Бога не го градиме врз основа на магиски принципи, или уште посмешно, како Црквата да е „желботека“, при што си замислуваме желба, извршуваме ритуал, и чекаме безличниот универзум да ни ја исполни замислената желба.

 

Свети Фануриј, моли Го Бога за нас.