Централна прослава во Охрид по повод големиот и значаен јубилеј: „50 години возобновена автокефалност на Охридската архиепископија како Македонска Православна Црква“

„…Но печалната и мрачна пустиња ми изгледаше светол, радостен, земен рај, кога низ умо ми минуваше во каква состојба се наоѓа мојата татковина, а посебно мојата Струмица, како ги гледаш нашите попови до еден како служат на грчки, а не знаат ниту една грчка буква: ги гледаш во црквата како зборуваат „кириелејсон“ а пак не знаат што зборуваат, а за другите заблуди од таквите простотии да не зборувам, бидејќи не сум во состојба да ги набројам. За сето ова е криво укинувањето на Охридската архиепископија. Кога се сетам, проливам горки солзи и самиот си зборувам: Господи не сакаш ли некогаш да се смилостивиш и над нашиот народ и да го избавиш од таа окајана служба, откако му ја вратиш неговата црква…“

(извадок од писмото на Антим Ризов – Зографски, голем македонски интелектуалец на XIX век).

 

Овој извадок на струмичанецот Антим Ризов, заедно со Прличевата „1762 лето“, од Охрид па до Струмица, и горе на север и долу на југ,го отсликуваат гласот на измачениот македонски народ, кој жеднеел за своја црква и држава. Свеста за возобновувањето на Охридската Светиклиментова архиепископија во овие години на XIX век, силно се развивала кај македонската интелегенција, но и кај сиот македонски народ. Свесни дека само возобновувањето на славната Охридска столица ќе биде единствениот гарант за идентитетот на македонскиот народ, нашите преродбеници се бореле на секој можен начин да ја промовираат идејата за возобновување на Светклиментовата црква, за што, неминовно, поднесувале и големи жртви. Но, овие жртви биле семето за раѓање на нови маченици и херои, кои беспоштедно и со сета сила ќе се борат за своја црква. Такви херои биле и учесниците на Третиот црковно народен собор од 1967 година, кои конечно успеале да ја реализираат оваа долга и мачна борба на македонскиот верен народ. Слушајќи го гласот на паствата, на својата заедница (Црква), учесниците на овој собор носат историска одлука за возобновување на славната Охридска архиепископија, во лицето на Македонската православна црква. Со тоа, не само што се исправува долгогодишната неправда кон македонскиот народ, туку конечно верниот народ добива свештенство кое ќе го поучува на вистините на православната вера на свој мајчин јазик, а нема да се занимава со каква и да е туѓа пропаганда.

По Педесет години од донесувањето на оваа одлука, седиштето на Охридската архиепископија беше местото каде што се собравме да го прославиме овој голем Јубилеј за нашата света Македонска православна црква. Прославата на Јубилејот започна на 30 септември, со Воскресна вечерна богослужба, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, на која што чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски г. Климент, во сослужение на архимандритите Нектариј и Јаков, свештеникот Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Саше Ристов и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Вечерната богослужба, се одржа свечена духовна академија во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на која покрај прекрасните изведби на хорот „Св. Климент Охридски“ од Скопје, збор зеде и Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан (прочитајте го на следниов линк: http://mpcaus.org/govor-arhiepiskop-stefan-za-jubilejot/).

Торжествата продолжија утредента, на 01 октомври, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Архиепископот Стефан, во солужение на Митрополитите Тимотеј, Петар, Агатангел, Методиј, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф, Епископот Климент, архимандритите Нектариј, Никола, Григориј и Јаков, протоереј-ставрофорите Спасе Стефановски, Ѓорѓи Кацарски, Стојче Ристевски, Јован Таковски, Ацо Гиревски, Никола Грамбозов, Никола Христоски и Игор Никовски, игуменот Агатон, протоереите Кирко Велински, Васко Голабоски и Маријанчо Мадески, свештеникот Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконите Ратомир Грозданоски, Саше Ристов, Николче Ѓурѓиноски, Влатко Стојменов и Драган Ѓорѓиевски и ѓаконите Александар Димитријов и Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Повардарски Агатангел се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост на следниот линк (http://mpcaus.org/beseda-na-vladikata-agatangel-za-jubilejot/).

Охрид

  1. 10. 2017

Собор на сите македонски светители