Прием во кабинетот на Митрополитот г. Тимотеј

На 21.03.2018 година во Митрополијата во стариот дел на Охрид, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј   во својот кабинет го прими и одржа средба  со Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи (КОВЗРГ) г-дин Даријан Сотировски.

Митрополитот г. Тимотеј од свое лично име, од името на свештенството и монаштвото, како и од името на сите верни чеда од своите епархии му го честита изборот на новоназначениот директор, изразувајќи искрена желба за добра соработка во периодот што престои – со цел да се надминат сите отворени прашања.

Низ пријателски разговор на средбата беше разговарано за прашања од значење за Дебарско-кичевската епархија и жителите на Охрид и околината. Беше истакната потребата од соработка во заштитата на недвижното и движното црковно културно наследство со кое Охрид е препознатлив во целиот свет. Исто така особено внимание беше посочено на предизвиците на современото општество и меѓуконфесионалните односи во градот Охрид, кој претставува наш културен, духовен и туристички центар.

Директорот Сотировски ја истакна својата почит за целокупниот придонес што г. Тимотеј го има за македонското општество во духовна, културна и етичка смисла.  Во идниот период КОВЗРГ и Дебарско-кичевската епархија ќе ја продлабочат својата соработка во повеќе области од взаемен интерес.