За времето на доаѓањето на антихристот – игумен Гаврил (Галев)

Доаѓањето на антихристот е реалност и ќе се случи еден ден, а кога никој не знае, освен Отецот Небесен. Затоа не треба да се верува на ниедно такво пророштво, иако реалната состојба во светот покажува дека времето е многу блиску. Тоа може да се случи и утре и задутре или за некоја година, но и за илјада години. Ова прашање ја вознемирувало Црквата од почетокот. Се се-ќавате дека и свети апостол Павле им пишува за тоа на солунјаните (2 Сол. 2), па ете антихристот, и после речиси 2000 години оттогаш, сѐ уште не е дојден.

Неговото дело е да го заплашува народот Божји и да сее вознемиреност во нашите срца, но нема од што да се плашиме и вознемируваме. Ние да се подготвуваме како да ќе се случи тоа уште утре. Преку исповед, пост, молитва, покајание, добродетели – а како печат и полнота на сето тоа со редовно причестување со пречистите и животворни Христови Тајни – да се потрудиме во подвигот на очистување на нашето срце од страстите, за отворањето на срцето за Бога, и да ја актуелизираме полнотата на крштенската благодат на Светиот Дух внатре во своите срца. Да се исполниме со секое добро дело. Мирот и љубовта во нашите срца да ни бидат единствениот критериум, и со тоа ќе го попречиме доаѓањето на антихристот, и ќе си помогнеме и себеси и на другите околу нас.

И за крај, молитвата „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот (грешната)“, или пократката нејзина верзија „Господи Исусе Христе, помилуј ме!“ да ја повторуваме постојано, во секоја пригода, а особено кога ќе ни е тешко и кога се наоѓаме во искушение.