Свечено одбележување на 10 годишниот јубилеј од постоењето на Македонската Православна Младина на Австралија (MOYA)

На 19. 11. 2016 година Македонската Православна Младина на Австралија (MOYA) одбележа 10 години од нејзиното основање.

На јубилејната прослава биле присутни голем број православни верници од македонската заедница, како видни лица од заедницата и политичкиот живот на Австралија, но и претставници од другите помесни цркви.

На свечената прослава свој говор пред присутните гости одржал претседателот на MOYA, г. Ананија Ананиевски.

 

Говор на претседателот на MOYA – по повод 10 – годишниот јубилеј

 

Возљубени чеда во Христа – браќа и сестри,

Ми претставува голема чест и задоволство што вечерва сум дел од оваа прослава на 10 годишниот јубилеј на Македонската Православна Младина на Австралија, датум кој не навраќа кон историјата, но и не упатува кон иднината. На прагот сме од уште една календарска година. Како луѓе, природно е нашиот ум да се упати кон тајната на времето: старото време му отстапува место на новото; минатото ја среќава иднината. Како православни христијани, пак знаеме дека новото време, односно Новата календарска година нема ништо ново, освен едно, а тоа е Господ Исус Христос, Кој е вечно нов и вечно ист – и вчера, и денес и утре!

Навистина, секој ден во годината може да биде ден на спасението ако сме облечени во вистинската вера во Воскресението Христово. Тогаш во нашите срца ќе нема место за страв, грижа или зло, и на нас ќе се исполнат следните зборови: Кој е во Христа, тој е ново создание; страрото помина и ете, се стана ново.

Почитувани,

Првата деценија на нашето постоење (како Македонска Православна Младина на Австралија) може да се карактеризираа со историски одлуки, големи искушенија и предизвици, но и бројни грешки и неискористени можности. Но затоа втората деценија е пред нас. Ние немаме време да бараме виновници и носители на погрешни одлуки. Историјата ќе им суди ним. Не можеме да го промениме она што завршило, она што се случило, или она што поминало. Но, затоа можеме да влијаеме на она што доаѓа, она што нè очекува. Ова е вистинското време да градиме иднина за младите, но и да градиме млади за иднината, за нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Ние сме, благодарение на молитвите и дејствени заложби на јеромонахот отец Гаврил Галев, бидејќи Македонската Православна Младина успеа за сето ова време да опстане и реализира многу бројни проекти и активности, со кои членовите на Македонската Православна Младина ја посведочија својата вера во Христа и љубов кон човештвото – сето тоа благодарение на вистинското пастирство на отец Гаврил. Младите членови би сакале да ја искажат својата длабока благодарност и почит кон отец Гаврил, кој постојано ги поттикнуваше и охрабруваше да продолжат да се надеваат, и покрај големите искушенија со кои се соочуваат. Затоа лично верувам и се надеваме дека во иднината, како што Македонците во Европа, Канада и Соединетите Американски Држави си имат свој Епископски пастир, така треба и за Австралија и Нов Зеланд (како најголема и најактивна дијаспора надвор од границите на Република Македонија) да си добије свој Митрополит, за да може духовноста да се шири во оваа прекуокејанска тереторија. Но, за да Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија има успешна и плодна мисија тука, достојно и праведно е, за името Гаврил (како што било во минатото) да се врати во редовите на Светиот Архерејски Синод на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Почитувани,

Вечерва, ние не само што обележуваме 10 – години од основањето на Македонската Православна Младина на Австралија, но исто така и 1 100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски Чудотворец – патрон на нашата Црква. Свети Климент Охридски од најрана возраст растел во верата, се учел од животот и делата на светите отци на Црквата, но особено од светите браќа Кирил и Методиј. Утврдувајќи се во словото на вистината, тој бил највредниот придружувач на своите учители во нивните мисии и најдобар продолжувач на нивното дело. По упокојувањето на неговите учители, свети Климент се вратил во Македонија, поточно во Охрид, на Плаошник, и изградил манастир, и основал и школа во која образование стекнале повеќе од 3,500 ученици. Во 893-та година бил востоличен за епископ на Величката епархија, чија јурисдикција се простирала околу Охридското Езеро. Како епископ, просветител и учител, Свети Климент непрестајно се грижел за духовните потреби на доверното паство: постојано проповедал, поучувал, се молел, пишувал црковни песни и проповеди – предавајќи се целосно на просветлињување на народот, упатувајќи го кон вистинските вредности на животот. Оваа година, во која ја одбележуваме 1 100 годишнината од неговото претставување во Господа, треба со особена почит и благодарност да се потсетуваме на неговите богоугодни дела и да се потрудиме постојано да ги подражаваме неговите подвизи, живеејќи добродетелно и, како што поучувал свети Климент Охридски – да живееме вистински православен живот. Треба да ги запаметиме двете најголеми Христови заповеди:

  1. Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила, со сите свои помисли.
  2. Возљуби го својот ближен како себеси.

Ако го сакаме Господ ние и ќе ги исполнуваме Неговите заповеди. Во колку постапуваме така ќе бидеме среќни и задоволни во земниов и материјалниот живот. Кој го сака и почитува Господ, тој ќе ги сака и блиските свои, а тоа Отецот наш небесен го бара од нас: Кој вели дека го сака Господ, а го мрази својот брат, лага е – зашто како може да го сака Господ кого не го гледа, а да го мрази братот свој кого го гледа секој ден? Кој го сака Бога, да го сака и братот свој…. Да не се сакаме само со зборови или само со јазикот, туку и со дела и со вистина.

Следната година 2017-та, е голема и значајна година за сите нас православни христијани. Во мај, Гаврил Светогорец, епископот Велички, од манастирот во Лесново ќе биде прогласен за светец – што е голема придобивка и богатство за нашата Црква. Тоа јавно покажува дека Светиот Дух е се уште со нас и ние ја продолжуваме вистинската мисија на нашиот спасител Исус Христос. Но исто така, 2017-та година е годината во која што го одбележуваме историскиот момент и големиот јубилеј – 50 години од возобновувањето на автокефалноста на Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.

Македонската Православна Младина на Австралија ќе биде доста активна во 2017-та година, со редовни духовни вечери, веронаука и летен камп за млади, православно списание, домаќини на првиот Црковно-народен Собор во Австралија, редовен Православен семинар, Свечена Академија по повод Собирот на сите Македонски светители и много други активности.

Каде се двајца и тројца собрани во името Божјо, таму е и Бог помеѓу нив. Само обединета и силна младина е сигурност за нашата Црква и нашата нација во Австралија!

Христос помеѓу нас! И, е, и ќе биде!

 

НА МНОГАЈА ЛЕТАА….