Да се биде монах? – Игуманија Илијана

Да се биде сам, не значи да се биде монах, напротив, да се биде монах, значи да се биде во заедница со сите во своето срце. Монашкото самување (исихија), сам, во молитвен разговор со Бога, е умирање за себе, умирање за светот и за благодетите кои светот ги нуди, поточно, од световната заробеност.

Тоа е процес на воскреснување од мртвите т.е. да бидеш мртов пред смртта. Мртов за она што нѐ држи далеку од Бога, мртов за сѐ што е „добро“ за светот и световното…

Пороците и острастеноста, кон и од нив, го држат нашето срце заробено, не дозволувајќи тоа да глаголи со Возвишеното, длабоко во тајната одаја на битието.

Мисловното проникнување, мисловното созерцание на Возвишеното, како и разговорот со Него, е внатрешен акт и спој со желбата и добрата волја да се биде со Творецот на сѐ, со Оној кој е трансцедентен во однос на нас, но, секогаш овде и сега.

Неговото присуство не нѐ остава рамнодушни.

Како ранети со љубовна стрела, чекориме по патеката, која иако стрмна и трнлива, нѐ води до Него, барајќи го неуморно, заради незаборавното видување лице в лице – очи во очи…

Видување, кое може да се опише како: слуга пред својот Господар, како најмал меѓу најголемиот, како најгрешен меѓу Возвишениот – Светиот.

А за неговата светлина, кој би можел да глаголи неискажливо…

Но, ох, јас грешната, се осмелив да проговорам за мојата љубов кон Него, за првите солзи кои протекоа заради Неговото присуство. Искуство на ништовност и грешност, на темнина наспроти светлина, на бунило и незнаење, на паѓање на завесата и слепилото, на прво прогледување и солзите со него, на осознавање на големата грешност и гревот во себе, на борбата со него и на очистувањето од него… и уште многу, многу… по патеката која води по тесниот пат, на која секој кој се бори не добива венец.

Надежта при тоа не нѐ остава сами, како бастун на кој се потпираме, силно верувајќи дека ќе бидеме водени од љубовната глад и жед, напоени од солзите при тоа, чекорејќи со скрушен дух кон повторната средба со Оној Кој се распна за нас, со Оној Кој се жртвува за нас, со Оној Кој со своето присуство зборува без да каже ниту збор, а ти го разбираш.

Искуството е утврдување во верата, утврдување во Оној Кој вечно постои. Таа уште е и неколебливост на патот полн со искушенија. Цврст став за Бога и Божјото и Негово сведочење во денешно време, меѓу оние кои сѐ уште не го познале и оние кои се далеку од благословениот пат на спасението.

Молитвата, ах, тој разговор со Бога, толку неопходен како мелем за отуѓената душа, не само што нè залечува, туку им помага и на другите за кои се молиме.

Молитвеното ѕеркање на Бог, во сета своја убавина, колку што е достапна за човекот, е вода за нашата жедна душа, е напојување од непресушниот извор кој нè оживотворува, е свежо (fresh) освежување од секојдневните искушенија и стресот при тоа.

А за монасите, што да се каже?

Воини кои ја водат невидливата борба на доброто наспроти злото, кои преобразувајќи се себеси, го преобразуваат светот, кои молчејќи говорат за Царството Божјо, кое треба да дојде.

Кои говорат за Царот – нивниот Женик – Кој се распна и пострада за сите нас.

Да, монасите се тие кои зачекорија на патот девственички, кои не знаат за друго, освен да се живее за Бога и ближниот, кои се молат за сите нас и чие име е МОЛИТВА, кои како градиво растат во неискажливата љубов, проникнати од Оној Кој е љубов, кои самуваат за да бидат во заедница со сите во срцето свое, кои и кога се во молчание, зборуваат со шепотот на своето срце, невидливо говорејќи со срцето на другиот преку Светиот Дух, кои се икона која видливо оди, кои се наша светлост која нѐ разобличува дека Бог постои.

Кои со самото присуство нѐ поттикнуваат на размислување за вистинскиот пат и живот во Бога, поточно, за смислата на животот и за нашето постоење, сега и во часот кога ќе нè посети смртта. За постоење на надгробен живот и Бог Кој ни вети Царство небесно и рај во него.

Сестра Илијана,

игуманија на Марковиот манастир

 

 

Извадок од монографијата

„Марков манастир“