Големото име на жената

Моето потчинување е нишката што ме поврзува со Христос и со вечниот живот. Со потчинувањето пред сопругот, жената го наоѓа своето исполнување, своето лице, својата слобода.

 

Во создавањето големо е значењето на женскиот принцип (начело). Тоа сѐ исполува на сите нивоа од човечкото постоење, како на личното така и на општественото. Жената дејствува на еден сосема друг начин: таа како некој филтер чисти од зло. Женската природ е Божјо творештво.

Кога човекот го проучува Божјиот свет, гледа како Бог премудро уредил сѐ во него. Истото во уште поголема мера се однесува и на самиот човек: во биолошка, и во психолошка, и во духовна смисла. И од било кој аспект. Како на мажите, така и на жените.

Голема работа е мажот да научи да ја разбира својата жена: да знае како да ја израдува, како да постапува за да биде таа среќна и задоволна. Затоа што жените имат свој посебен јазик, и мажот треба да научи да ја слуша и да ја разбира својата жена. Овде не станува збор за зборови туку за тоа дека човекот треба да разбере повеќе отколку што можат да кажат зборовите, многу незабележливи, но важни ситници.

Треба многу добро да се познава душевното устројство на својата сопруга, не само на конкретната жена туку на женската природа воопшто. Исто како што и жената треба да ги разбере особеностите на устројството на машката душа. Мажот често не може да сфати дека женската душа е сложена како лавиринт и поради тоа му станува тешко. Не е лесно да го пронајдеш вистинскиот пат во лавиринтот! На мажот не му е лесно да го фати невидливото во она што го гледа и да го слушне неискажаното во она што го слуша, а притоа да го сфати она што само сѐ подразбира.

Жените секогаш дејствуваат поинаку од мажите. Така уредил Самиот Бог, зашто жената е мајка. Таа се одликува со нежност. Уредувањето на нејзината душа е бескрајно сложено, затоа што на неа природата ѝ доверила таква задача. Женското присуство претставува друга (поинаква) нота во самата природа. Кога мажот стапува во брак, треба добро да разбере дека нѐ сѐ жени за да има деца. Жената не е апарат за раѓање деца кој подоцна сѐ става на полица, притоа восхитувајќи сѐ на децата што ги донела на свет. Тоа е грешка што ги разурнува човечките односи меѓу сопружниците.

Кога во Новиот завет се вели жената да му се потчинува на својот маж, не се мисли на тоа дека жената треба да му стане робинка на мажот. Тоа значи дека жената треба да се однесува кон мажот со љубов и дека треба со сета душа да го прифати својот сопруг. Апостол Павле учи дека жената треба да му се потчинува на мажот, а мажот треба да ја сака својата жена како што Христос ја засакал Црквата; оној што ја сака својата жена, се сака себеси. Апостол Павле ги има во  предвид специфичностите на двата пола. Додека на мажот му е потребно, во согласност со неговата машка природа и устројство, жената да го сака. Да не го отфрлува, да не сѐ сомнева во него. Не затоа што е безгрешен туку затоа што му е потребно да слушне убав збор, да го слушне она што ќе му даде сила за живот понатаму. И ако греши, тоа треба да му се каже со голема добрина и благост. Како што на жената според нејзината природа и устројство ѝ е потребна љубов од мажот, и тоа да чувствува топлина и нежност од негова страна: така е создадена според својата женска природа. Мажот треба да ја сака својата жена и да се однесува кон неа со нежност, а жената треба со сета душа да го прифати и да му се потчинува- не од ропско чувство туку од чувство на преданост.

Потчинувањето во бракот значи дека човекот ги надминува границите на своето „јас“: се усовршува со отсекување на сопствената волја. Секогаш дејствува од љубов кон Христос. Во мажот не треба да гледа тиранин, господар и властодржец; во сѐ треба да го гледа Бога: „Блазе му на човекот кој секој човек го почитува како бог, по Бога“.

Му се потчинувам на сопругот од љубов кон него, како што му се потчинувам на Христос, затоа што Го сакам. Моето потчинување е нишката што ме позврзува со Христос и со вечниот живот. Со потчинувањето кон сопругот жената ја наоѓа својата слобода, своето лице, своето исполнение.

Мажот е главата на жената како што Христос е Глава на Црквата и Спасител на телото на Црквата. Тоа не значи дека мажот е над жената, или дека жената е полоша од мажот, туку како што е кажано во книгата за Настанувањето: и Господ Бог ја создаде жената од реброто што го зеде од Адам (1 Мојс. 2, 22). Тој тоа го направил за да чувствува жената дека со мажот прави една целина. Бог тоа го направил и со цел мажот да не си рече себеси: “Туѓа ми е, немам никаква врска со неа- таа е едно, а јас сум друго“.

Бог зел ребро од мажот, и Адам кога ја здогледал Ева, рекол: „Тоа е коска од моите коски и тело од моето тело- ќе се вика жена“. Односно, таа не е туѓа, туку е моја, иста таква каков што сум и јас! Ете од каде потекнува стремежот на еден код друг: зашто двајцата настанале од еден.

„От ребра јего восоздавиј жену, и спрјагиј јему помошчница“ (Оној што од неговото ребро ја создал жената, и впрегнал со него помошничка). Запрегата е во пар впрегната. Односно, Бог ги зел жената и мажот и ги впрегнал заедно во брачната запрега со цел тие луѓе заедно да го носат крстот и товарот на својот брак. Тоа не е казна, туку пат. Одејќи по тој пат сопружниците треба да остварат врска со Бога. Христос е Главата на Црквата, и Главата треба да ѝ служи на Својата Црква, да ја спасува, а не да ја угнетува. И Он ја спасува, принесувајќи се себеси како жртва, за неа е распнат и за неа воскреснал. Така и мажот е поставен да биде глава на жената за да ја штити, за да ѝ служи, за да ја чува жртвувајќи се, и ако е потребно, да умре за неа и за своето семејство. Апостол Павле вели дека мажот е главата на жената (Еф. 5, 23). А еден мудар старец додава: „Да, но жената е срцето на мажот“. Исто како што телото без глава не е тело, така и без срце е мртво, вкочането, студено. Ако мажот е главата на жената, жената е срцето на мажот. Затоа Господ не ги направил еднакви: токму со цел да сѐ дополнуваат, двајцата зедно.

Потчинувањето на жената значи дека таа ја прифаќа неговата жртва, заштита, служење, неговиот стремеж да ја чува, и ако биде потребно, да умре за неа.

А мажите треба да ги сакаат своите жени како што Христос ја сака Својата Црква. Он не ја засакал Црквата со цел таа да Му служи, туку за да ја освети и исчисти. Со цел да нѐ приведе нас кон Себе прославени со Неговата слава, како оние што се без грев, порок и нечистота, за да бидеме свети и непорочни пред Него. Затоа и мажите треба да ги сакаат своите жени како сопственото тело: оној што ја сака својата жена, се сака себеси.

Нема ништо чудно во тоа да ја сакаш и да ја почитуваш, а не да ја задушуваш својата жена, зашто твојата жена- си ти самиот. Дали го сакаш своето тело, се грижиш за него, му даваш одмор и го негуваш? Исто така, вели апостолот Павле, треба да ја сакаш и да ја браниш својата жена, да се грижиш за неа и да ѝ служиш, зашто таа не е ништо туѓо, туку твоето сопствено тело, ти самиот.

Во сопружничкиот живот мажот и жената духовно созреваат, и во тоа единство нема и не може да има никаква поделба. Не може душата да се одвои од телото. Исто така и сопружниците, како душа и тело, треба да бидат така поврзани, да не ги дели ништо.

Кога Црквата вели дека жената во сѐ треба да го слуша мажот и дека мажот е главата на жената, овде не станува збор за тоа дека жената му е робинка на мажот која нема разум и волја, туку напротив, за согласувањето на брачните другари. Зашто човекот во послушанието ја стекнува својата најголема слобода. Кога на другиот ќе му се потчиниш доброволно и свесно, ќе станеш сесилен и навистина слободен. Послушанието е голема работа! Оној што сам ќе се потчини поради љубов кон Бога ќе сфати што е живот, што е слобода, што е радост!

Значи, двајца се спојуваат и се учат на оваа голема тајна: жената да го поддржува својот маж, а мажот својата жена. Мажот треба да сфати дека дома, во близина на жената, ќе најде мир. Тоа му е неопходно по природа. А жената треба да научи да му биде радост и утеха на својот маж.

Жената треба да чувствува дека главата, односно мажот е нежен и внимателен кон неа, дека се грижи за неа, дека ја почитува и цени. Како што мозокот се грижи за телото, така мажот треба да се грижи неговата жена да не биде сама.

Сето тоа не се вклопува во обичните човечки претстави, затоа што има друга димензија: Христос и Црквата. Кога во темелот на брачните односи се наоѓаат Христос и Црквата, тие односи се продлабочуваат и се осветуваат, отаде во нив се открива перспектива која се стреми кон вечноста. Нивната цел е да ги доведат мажот и жената до Христос, до соединување со Него.

Митрополит Лимасолски Атанасиј