Како да се однесуваме во храмот

Во црква се оди со смирение во срцето, со голема почит кон храмот, но пред сè со вера и надеж во Бога, бидејќи во Неговиот дом влегуваме. Исто така, многу е важно предходно да се измириме со секој што ни згрешил или кому ние сме му згрешиле, зашто само на тој начин правилно сме ги сфатиле зборовите од Светото Писмо: И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си (Матеј 5, 23-24).

При влегување во храмот, најнапред треба да се прекрстиме, а потоа да ги целиваме светите икони што се на средината, без големо задржување, за да оставиме простор и другите верници да се помолат пред иконите. И мажите и жените треба пристојно да се облечени, избегнувајќи секаква непристојна голотија на телото. Исто така, жените да одбегнуваат секакво украсување на лицето со козметика, а мажите да доаѓаат в црква украсени со смирение и трезвеност. Кога се стои во храмот, треба да се почитува редот и поредокот, па затоа не треба воопшто да зборуваме, а најмалку да се смееме.

Ако правиме така, ние Го навредуваме Бога и го одвлекуваме вниманието на другите верници. Не е убави ни да се вртиме настрана и да гледаме по другите луѓе, туку треба да гледаме кон олтарот, во иконите на иконостасот, и да се молиме за добро и на живите и на починатите. Ако ни се случи да закасниме или доколку задоцниме и влеземе во храмот откако е богослужбата почната, треба да почекаме да заврши и потоа да ги целиваме иконите и да ги оставаме даровите. Внимателното слушање на црковните песни и молитви буди во душата на верникот покајание, како и можност да се запознае со верата. Она што ќе го слушнеме во црквата, треба да го применуваме и да го исполнуваме во секојдневниот живот, зашто блажени се оние, кои го слушаат словото Божјо и да го чуваат (Лука 11, 28).