Божествена литургија во храмот „Свeта Петка“ во Рокдејл, Сиднеј (Нов Јужен Велс)

На 30. 07. 2017 година,  во 8 – тата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на светата вмч-ка Марина (Огнена Марија) и на преподобниот Леонид Устнедумски, во црковната општина „Света Петка“ во Рокдејл, игуменот Гаврил (Галев) служеше Света Златоустова Литургија.

На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Житие на светата вмч-ка Марина (Огнена Марија)

Таа била родум од Антиохија Писидиска, од родители незнабожци. Дури во својата дванаесетта година слушнала за Господ Исус Христос, дека се воплоти од Пречистата Дева, дека извршила многу чуда, примила крсна смрт и славно воскреснала. Таа сесе заветила дека никогаш нема да се мажи и така и пострадала за Христа. Татко ѝ ја замразил заради нејзината вера и не ја сметал за ќерка. Кога царскиот намесник Олимвриј дознал дека е христијанка, побарал од неа најпрво да му биде жена. А кога го одбила, ѝ наредил да им се поклони на идолите, на што Света Марина одговорила: „Нема да им се поклонам ниту ќе им принесам жртва на безживотните и мртви идоли, кои ниту самите знаат за себе ниту пак знаат дали ние ги чествуваме или ги бесчестиме: не им ја давам онаа чест што Му припаѓа само на мојот Создателот“. Тогаш Олимвриј ја подложил на маки, па целата изнаранета ја фрлил во затвор. Во затворот Марина Го молела Бога и по молитвата ѝ се јавил најпрво ѓаволот како страшна змија што ѝ се намоткала околу главата. Но штом светителката се прекрстила, змијата се распукнала и исчезнала. Тогаш ја заблеснала небесна светлина и ѕидовите на затворот заедно со покривот исчезнале и се јавил крст, висок и блескав, а на неговиот врв бела гулабица, од која се слушнал глас: „Радувај се, Марино, словесна гулабице Христова, ќерко на севишниот Сион, зашто дојде денот на твојата радост.“ Тогаш, со силата Божја, била исцелена од сите рани и болки. Другиот ден безумниот судија ја мачел во оган и во вода, но Марина претрпела се како во туѓо тело. Најпосле ја осудил на смрт со меч. Пред смртта ѝ се јавил Господ Исус со ангели. Била заклана во времето на царот Диоклецијан, но со душата и силата останала да живее на небото и на земјата. Една рака од Света Марина се наоѓа во манастирот Ватопед на Света Гора. Во Албанија пак, на планината Ланга над Охридското Езеро[1], се наоѓа манастир на Света Марина со дел од нејзините чудотворни мошти. Во овој манастир се случуваа и се случуваат многубројни чуда и за нив сведочат не само христијаните туку и муслиманите. Кон оваа светителка Турците имаат толкава почит, што никогаш не посакале да посегнат по светоста и имотот на манастирот. Едно време тутор на овој манастир беше Турчин.