Света Божествена Литургија по повод празнувањето на споменот на Светиот преподобен отец наш Гаврил Светогорец, епископот Велички во манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, Мелбурн (Викторија)

Тропар на светиот Гаврил Светогорец, епископ Велички

(глас 8)

Имајќи ја светската слава си го оставил светот.

И на пат кон Света Гора игуменски благослов од Богомајката си добил.

Со пост, бденија и молива си го запазил целомудрието, богобојажлив Гавриле.

Моли Го сега Христа, нашиот Бог, да го умножи монаштвото,

да ја запази Црквата наша и светот да го спаси.

 

 На 12. 01. 2018, кога Светата Црква го празнува споменот на + Преподобен Гаврил Велички; Светата маченичка Анисија; Преподобна Теодора Цариградска; Светиот апостол Тимон; Преподобна Теодора Кесариска; Преподобниот маченик Гедеон; Свети Дионисиј Закински, во манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, игуменот на манастирот, архимандритот Гаврил (Галев) во сослужение на јерејот Климент Станковски отслужи Света Божествена Литургија.

На Светата Божествена Литургија учество зеде мноштво народ, кој повторно ја имаше можност да се поклони на светите мошти на новоканонизираниот светител Гаврил Светогорец, епископот Велички,[1] кои исто така беа изложени за поклонение и на Вечерната богослужба.

Делче (честичка) од неговите свети мошти за време на посетата на Македонија, од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион и од игуменот на Лесновскиот манастир, Неговото Високопреподобие Архимандритот Дамаскин му беа подарени на Неговото Високопреподобие Архимандритот Гаврил (Галев) како подарок на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк (Мелбурн – Австралија), каде верниците ќе можат да се поклонат на светителот од својот род. Ја користиме и оваа прилика повторно да му се заблагодариме од името на цела Македонска заедница во Австралија на Митрополитот г. Иларион, како и на Архимандритот Дамаскин за дарението на светите мошти.

Верните со радост се поклонија на светите мошти и ги упатија своите молитви кон светиите.

На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Архимандритот Гаврил одржа своја пригодна беседа преку која ги запозна верните со ликот, животот и делото на светиот Гаврил Светогорец, епископот Велички, како и со големиот број на чуда кои до ден денес се случуваат по неговите молитви.

На крај мноштвото верници му го честитаа именденот на игуменот на манастирот Архимандритот Гаврил (Галев) и му посакаа крепко здравје, големи успеси во новото Лето Господово, многу мигови исполнети со радост.

Информативната служба при Австралиско – сиднејската православна епархија од свое име, од името на свештенството и верниот народ му го честита именденот на Неговото Високопреподобие, Архимандритот Гаврил (Галев), игуменот на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк и му посакуваме бројни успеси на нивата Господова и долги години да го проповеда Христа Бога меѓу народот Божји.

По молитвите на нашиот свет отец Гаврил Светогорец, епископ Велички, Господи Исусе Христе, помилуј не! Амин.

[1] Мијалче (подоцна Гаврил Светогорец, Епископ Велички) се родил на 10 март 1926 година, во Штип, од православни родители Методиј (подоцна монах Кирил) и Гора Парнаџиеви. Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град. Уште како млад се одликувал со посебна кротост и послушност. Потоа се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград. После дипломирањето, во 1955 година, четири-пет години работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип. Покрај работата во училиштето, Мијалче, заедно со својот татко Методиј, работел и како скулптор. Вo 1963 година заминал на Света Гора. За неговиот престој таму директно добил благослов од Игуменијата на Света Гора – Пресвета Богородица. Бил замонашен во грчкиот манастир „Свети апостол Павле“ со монашко име Гаврил. Сето време додека престојувал на Света Гора избегнувал контакти со луѓе. Меѓутоа, неговиот престој таму не траел долго; морал да се врати во својата родна земја. Никогаш не му давал одмор на своето тело – речиси никогаш не спиел, а и кога спиел, секогаш лежел на земја или на тврда рогозина. Иако многу строго постел и бил многу слаб, поседувал голема виталност и енергија. Редовно ги служел сите богослужби во манастирот и непрестајно се трудел во подвигот на умно-срдечната молитва. Тишината и самотијата биле негови постојани сотрудници, затоа и често ги користел двете ближни пештери. Од Бог добил дар на проѕорливост и чудотворство. Во 1981 година, на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, од Синодот на Македонската Православна Црква бил унапреден во архимандрит, а по точно една година бил хиротонисан за Епископ со титула Велички. Иако отсекогаш копнеел и прибегнувал кон тихување, сепак, од послушание прифатил да биде хиротонисан за епископ. Си ја предвидел својата смрт и самиот си отслужил четириесет заупокоени Литургии. На 12 јануари 1990 година, со Евангелието, кое постојано го читал, и со крстот на гради, а во раката – бројаница, мирно Му ја предал својата душа на Бог. Бил погребан зад олтарниот дел на манастирот, покрај својот телесен татко и духовен син, отец Кирил.