Манастир „Свети Наум Охридски“ – Охрид

Манастирот свети Наум Охридски претставува еден вистински бисер и духовно светилиште кое е лоцирано на карпа над охридскиот езерскиот брег. Да се зборува за духовна величина на ова светилиште, претставува предизвик, дури и за најкрасноречивите пишувачи.  Манастирот свети Наум, претставува неисцрпен извор на чудотворства, место каде што живо се чувствуваат Божјата благодат и благословот на охридскиот чудотворец, свети Наум, па токму поради овие факти безбројни се посетителите кои со чиста вера доаѓаат и се просветуваат и облагодатуваат од живото присуство на овој светител. Во него времето и просторот од овој свет ги губат своите граници, а се отвараат небесните пространства кои се вистинскиот дом на светиите но и на секоја христијанска душа. Манастирскиот комплекс е окружен со таква природна убавина што никого не го остава рамнодушен, ами го потикнува на прославување на Бога, создателот и устроителот на овој свет и сета убавина која тој ја носи.

Според она што нам ни е достапно, како фактографија а се наоѓа во житијата, свети Наум манастирскиот храм посветен на свети архангел Михаил и на сите светите бестелесни сили го изградил помеѓу 900 и 905 година. Иако не е точно познато, од кога храмот е преименуван, но се претпоставува дека после смртта на свети Наум, заради големиот култ и почитување кое го имал светителот, христијаните почнале со неговото име да го именуваат храмот и постапно почнал да се нарекува со името на свети Наум. Така уште во 1630 година во тогашна Русија, овој манастир бил познат под сегашното име- свети Наум а не свети архангел Михаил и останати бестелесни сили.

Манастирскиот храм гледан низ призмата на стилот на градба претставува автентична триконхална црква. Првобитната црква што ја изградил свети Наум била рушена, според едни најверојатно во XV или во XVI век, а според други кон крајот на XVIII век од страна на Али Паша Јанински. Од старата манастирска црква зачувани се значајни глаголско-кирилски натписи издлабени на столбовите од трибелонот, и воедно сведочат за најстарата словенска писменост. Јеромонахот Григориј од Москополе, во втората половина на XVII век го обновил манастирот при што изградил две келии, ја уредил црквата која потоа била осветена и го изградил пронаосот. Сегашната црква е градена и доградувана на темелите од старата црква, и тоа во две етапи. Во првата етапа се градени наосот и нартексот, а во втората етапа двете куполи над нартексот и над наосот. Еден од најзаслужните за возобновувањето на манастирот бил игуменот Стефан од Филиполе. Тој ја изградил куполата над капелата каде што се наоѓа гробот на свети Наум. Во негово време се фрескоживописале црквата и гробната капела. Според одредени научници манастирските конаци се изградени во негово време, а некои мислат дека истите се изградени за време на неговиот претходник, игуменот Гаврил – јеромонах од Москополе. Подоцна, по доаѓањето на игуменот Хаџи Дионисие Анадолец во 1809 година, во манастирскиот комплекс биле изградени значајни објекти. Во 1875 година, според сведоштвото во летописот на Димитрија Петру од Охрид, до темел бил изгорен најголемиот дел од манастирскиот комплекс. Меѓутоа, со Божја помош набргу почнала и неговата обнова.

Бидејќи во манастирот секогаш се водело сметка да се одржи духот на свети Наум и неговото дело, во 1881 година се изградила нова зграда за потребите на училиштето. Во тоа училиште, во 1830 година учел и преродбеникот Димитрија Миладинов, а настава следеле околу 20-30 ученици од поблиските и од подалечните места. Манастирот располагал и со богата библиотека. Меѓутоа, поради дејствувањето на разните пропаганди, многу словенски ракописи, од кои некои создадени тука, се уништени. Кога станува збор за гробниот параклис, некои сметаат дека тој е од времето кога бил погребан свети Наум, додека други сметаат дека тој бил отворен кон манастирскиот двор и сегашниот облик го добил во XIX век.

Според истражувачите црквата била фрескоживописана по 1400 година на што упатува еден фрагмент најден под подот на сегашната црква. Денешниот фрескоживопис е дело на зографот Трпо, син на зографот Константин од Корча, фрескописањето се случило за време на игуменот Стефан. Гробниот параклис е живописан во 1800 година, и во него доминираат сцени од животот (житието) и чудата на свети Наум. Исто така, треба да се забележи дека во гробниот параклис се наоѓа и портретот на игуменот Стефан, како и на монахот Ефтимиј кој се обидел да ги открие моштите на свети Наум. Додека, пак, наосот е фрескописан по шест години, за што сведочат еден ктиторски натпис како и натписот над западната врата. Истиот претставува продолжение на нашата богата традиција која била инспирација на зографот Трпо. Наосот е исполнет со многу композиции и сцени од големите празници, а во олтарниот простор се претставени ликовите на великите архиереи, причестувањето на апостолите и Богородица со Христос.

Престолните и празничните икони како и иконостасот во резба се дело на зографот Константин, а според записите нивната изработка завршила во 1711 година. За тоа сведочи записот од поменикот, каде што пишува: „Овие икони се живописани за време на пресветиот и преблагословениот игумен кир Гаврил и неговите сопатници јеромонахот Хиерофант и Теодосија, од раката на зографот Константин 1711 година“. Иконостасот е еден од најрано датираните иконостаси во XVIII век и претставува врвно уметничко остварување , а особено се издвојуваат царските двери и крстот на иконостасот.

По враќањето на манастирот под закрила и грижа на Црквата, односно на Дебарско-кичевската епархија, што се случи на 3 април 1991 година, со благослов на митрополитот Тимотеј во него повторно да се врати монашкиот живот. Од тогаш па наваму манастирскиот комплекс постојано се уредува и грижливо се негува, со цел достојно да сведочи за величината на светиот Наум чудотворец. Иако има безброј зафати кои заслужуваат споменување ќе наведиме саме неколку од позначајните, и тоа: обнова на дотрајаните манастирски конаци, изградба на манастирска капела (параклис) посветена на светите словенски просветители Кирил и Методиј, партерно и просторно уредување на влезот во манастирскиот комплекс, уредување и обновување на манастирските метоси- свети Атанасиј Велики и света Петка Римјанка.

Манастирот свети Наум празнува две слави. Едната е на 23 декември по стар стил, односно на 5 јануари по нов стил, денот кога свети Наум се преселил од овој свет на небесата, каде што стои од десната страна на Бога. Другата се слави на 20 јуни по стар стил, односно на 3 јули по нов стил, што е утврдено на црковнонародниот собор во 1727 година. Реки од верни луѓе притекнуваат во овие денови на поклонение и молитва кон свети Наум. Но, не само на овие денови, туку и секојдневно  поклоници, добронамерници и почитувачи на култот на светиот Наум Чудотворец го посетуваат манастирот. По неговото застапништво и денес се случуваат многу чуда на исцеление и избавување од разни искушенија на оние кои со вистинска вера и со чисто срце пристапуваат за помош и застапништво кон овој светија.

асс. м-р Владо Недески, презвитер