Пристигна новиот парохиски свештеник во Црковната општина „Свети вмч. Димитриј Солунски“ во Волонгонг (Нов Јужен Велс)

Со благослов на надлежниот архиереј на Австралиско – сиднејската епархија, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, во мисија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија на Австралиско тло, односно во Австралиско – сиднејската епархија пристигна новиот свештеник, јерејот Роберт Илијевски, кој од Охрид доаѓа на позицијата парох при Македонската православна црковна општина „Свети вмч. Димитриј Солунски“ во Волонгонг („Saint Demetrius of Solun“ – Macedonian Orthodox Church – Wollongong –  8 – 14 Stewart St. Wollongong NSW 2500).

Новиот парохиски свештеник, отецот Роберт со своето семејство на празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица) беше најтоплосрдечен примен во храмот „Свети вмч. Димитриј Солунски“, каде потпретседателот на Епархијата г. Љупчо Стефановски, заедно со свештениците и верниот народ му посака добродојде и успешна мисија.

Австралиско – сиднејската епархија со доаѓањето на јерејот Роберт Илијевски – се здоби со уште еден свештеник, со што уште една покрај низата досегашни проекти покажа дека се грижи за своите верни чеда.

Од име на цела Епархија на отец Роберт му посакуваме успешна мисија на новата нива Господова во Австралија.

 

Биографија на новиот парохиски свештеник – јерејот Роберт Илијевски

Парохиски свештеник при црквата ,,Свети вмч. Димитриј Солунски“ – Волонгонг (Нов Јужен Велс)

Раѓање и школување:

Роден на 25.4.1987 год. во Куманово, од родители Чедомир и Сузана со живеалиште во населба Карпош – Куманово.

Основно училиште од прво до осмо завршил во училиштето ,,Магдалена Антова’’ во нас.Карпош-Куманово. Со благослов на митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, се запишува 2002 година во средно  богословското училиште ,,Св.Климент Охридски’’ во село Драчево – Скопје и завршува во 2007 година.  Запишан на Теолошкиот факултет ,,Св.Климент Охридски’’ во Скопје во учебната 2007/2008 година.

Стапување во брак:

На 19 октомври 2014 година стапува во брак со Милена Костовска Илијевски, моминско презиме Костовска од Куманово.

Ракополагање и поставување на парохија:

На 04.12.2014 година во црквата ,,Успение на Пресвета Богородица” Каменско – Охрид е ракоположен во ѓаконски чин од страна на митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. (Одлука со број 546/2014)

На 08.12.2014 година во манастирот ,,Св.Климент и Св.Пантелејмон” – Плаошник – Охрид е ракоположен во свештенички чин од страна на митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. (Одлука со број 547/2014)

Со одлука бр.33 од 13.02.2015 година од дебарско-кичевска епархија е поставен за парохиски свештеник на Третата парохија при храмот ,,Св.вмч. Ѓорѓи” сметано од 15.02.2015 година.