Новости од Австралиско – сиднејската епархија: Со благослов на Неговото Високопресвештенство г. Тимотеј е изградена официјална веб страница на Епархијата – http://mpcaus.org

На епархиското собрание на Австралиско – сиднејската епархија, одржано на 11. 01. 2017 во Мелбурн се донесе одлика да се формира „Епархиски Просветен Одбор“ (ЕЦПО), кој ќе се грижи за просветата и издавачката дејност во Епархијата. Идејата потекна од насушната потреба на нашиот народ за духовно пресветлување и познавање со нашата вера.

По тој повод ЕЦПО се зафати со работа на неколку проекти од кои некои веќе се реализирани, а некои ќе се реализираат во блиска иднина.

Црквата од секогаш била современа и актуелна се со цел да биде поблиска и подостапна до народот. Поради тоа таа ги користела современите технички придобивки во своето време, како што во денешно време е интернетот. Сметајки дека учеството на Црквата во социјалните мрежи е од корист на луѓето, а пред се на младите, ЕЦПО на Австралиско – сиднејската епархија отвори своја фејсбук страница, твитер и инстаграм профил и јутуб – канал.

Исто така еден од веќе реализираните интернет проекти на овој Одбор е и електронскиот билтен „Преображение“ кој што се издава еднаш неделно. Освен тоа остануваат уште многу пријатни изненадувања за во иднина, кои со Божји благослов, би требало да се реализираат во свое време.

Со најголема радост и особена чест сакаме да ве известиме дека со благослов на надлежниот архиереј на Австралиско – сиднејската епархија, г. Тимотеј,  на овој убав, благ ден сакаме да ви ја презентираме нашата официјална веб – страница: www.mpcaus.org . Искрено се надеваме дека ќе ви се допадне нашата веб – страница, која е сеуште е во доизградба, но заради потребата од актуелноста на овие празнични денови се одлучивме да ја објавиме на интернет етерот.

На овој ден Архангелот Гаврил и ја открил благата – добрата вест на Пречистата дека ќе зачне преку Светиот Дух и во својата утроба ќе го роди Спасителот на светот. Овој ден е почетокот на спасението на човештвото. Во овој ден Бог му се понуди на човекот и преку Пресветата повторно, Бог беше прифатен од човештвото. На овој ден Бог и човекот направија Нов завет за нов почеток и нова ера во човештвото.

И како една симболика, поврзаност, а и континуитет, на овој ист празничен ден Бог повторно, на некој начин, му се нуди, сега, на нашиот македонски човек во Австралија, преку овој наш мал труд, како нов завет, нов почеток и нова ера во спасението на нашиот човек на овие простори.

Се надеваме дека нашиот нов веб сајт ќе биде извор на секое добро дело и од полза на сите верници не само во Австралија, туку и во Македонија и насекаде во светот.