Посета на Романскиот митрополит г. Михаил за Австралија и Нов Зеланд на црковната општина„Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг и на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, Мелбурн (Викторија)

Со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, на 25.02. 2017 година (сабота),  кога се празнува споменот на свети Мелетиј, архиепископ Антиохиски; свети Алексиј, митрополит Московски; преподобна Маријa; свети Антониј, патријарх Цариградски и света Калија, црковната општина „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг и  манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, беа удостоени со посета од Митрополитот Австралиско – новозеландски г. Михаил од Романската Православна Црква.

Митрополитот срдечно беше пречекан од страна на старешината на храмот јерејот Климент Станковски, од протојерејот – ставрофор Ефтим Бетински и од претседателот на Православната младина на Австралија (MOYA) г. Ананија Ананиевски.

Митрополитот беше запознаен со историјата и мисијата на храмот. Тој видно се воодушеви од велелепноста на нашиот храм. Исто така се изненади од посетеноста на храмот, како и од бројот на верниот народ, кој што редовно се црквува и причестува, односно се соединува со Христа.

По посетата на храмот во Епинг, се упативме кон манастирот. Митрополитот се чувствуваше како да се наоѓа во Романските предели, каде што се подвизувале света Теодора и старецот Клеопа. Владиката со искрени желби ни посака што побрзо да заживее духовниот живот во манастирот, посочувајќи ни дека: „манастирот без монаси е како риба без вода!“.

Со почитуваниот Митрополит по посетата беше остварена работна средба и „трпеза на љубовта“. Си разменивме различни духовни искуства и разговаравме за актуелните случувања во православниот свет.

Тој даде целосна подршка на нашата Австралиско – сиднејска епархија, и не благослови!