Поука за Благовештение

Свети Климент Охридски

 

Сега е потребно браќа, велегласно да ги изговорам пред вас ангелските зборови, како што за овој свет ден говори апостол Павле. Правејќи го извесно светото празненство, тој вели: „Ноќта помина, а денот се приближи“. (Рим. 13, 12).​​Денес, навистина, Синот Божји, Господ Бог наш неискажливо се смести во човечко тело, сакајќи со своето вооплотување да го обожи созданието на Своите раце, и пак во рајот да го всели. Денес Несоздадениот се сместува во Своето создание.

Денес Несместливиот во небесата се сместува во девствена утроба. Денес невидливиот станува Видлив. Денес Словото Божјо прима тело. Оној што пред сите векови на небесата се роди од Отецот без мајка, сега, пак, страшно и чудесно на земјата се воплотува во Дева без татко, двоен по природа – Бог и Човек, разбран и објаснуван како Емануил, што значи „Бог е со нас“. Скајаќи да го спаси родот човечки, дојде на земјата, останувајќи целиот на небесата со Отецот и со Духот, и целиот на земјата, еднакво прославуван и почитуван со поклонување и царувајќи страшно со Своето раѓање од Дева. Зошто не се родил никој друг од Отецот пред вековите без мајка, ниту некој друг се воплотува од Дева, туку Самуиот Единороден Син Божји. Откако Он засветли од суштината на Отецот, ни се јави нам како Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, а не створен, Адамовиот Создател. Он дојде на земјата за да го побара заблудениот човек. Зошто Он кога нè виде паднати во многубоштво и робови на разни богови, и не трпејќи да го гледа Своето стадо грабнато од врагот, најнапред испрати пророци, навестувајќи го Своето доаѓање и говорејќи преку Исаија: „Етде Девојка ќе зачне и ке роди Син, и ќе го наречат Емануил, што значи: со нас е Бог“ (Иса. 7, 14). А кога дојде времето да се исполнат овие зборови, Бог го испрати од небото архангелот Гавриил и му рече: „Иди при Дева Марија и речи ѝ: Радувај се, Благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!“ (Лука 1, 28). Веќе е уништено проклетството кон прародителската, зашто преку жена процвета злото и жалоста, а сега преку тебе ќе се јави најдоброто. Зошто, ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син, и ќе му ставиш име Исус, зошто Он ќе го спаси народот свој од неговите гревови, како што го слушнавте евангелистот да зборува во прочитаната беседа.​Да размислиме, браќа, за сè ова, колку голема благодат примавме денес! За какво добро се удостоивме! Зашто денес е врзан нашиот непријател ѓаволот. Денес е уништено служењето на бесовите и нивните жртвеници.

Денес рајските врати и пламениот меч, кој го беше протерал човекот од рајот, со радост го прима повторно. Денес Адам ликува примајќи Го во својата природа својот Создател. Денес Ева, откако ја сотре главата на змијата, нејзиниот горчлив измамник, го повикува целиот свет на веселба говорејќи: „Радувајте се со мене, зошто денес примив неискажлива радост и слобода од своите гревови!“​

Денес и ние браќа, исполнети со радост и украсени со добри дела, да се потрудиме достојно да ги минуваме овие свети посни денови, воздржувајќи се од пијанство, од телесни похоти и прејадување, од гнев ил клевети, навреди, јарост, завист, од премногу спиење, зошто тие ја одвојуваат душата од Бога и ја помрачуваат. Затоа, откако ќе ги оставиме сите овие работи, да се погрижиме овие свети денови да ги завршиме мирно, за да не нè стигне смртниот ден во мрзливост, во злоба, во гревови, зошто не лаже оној што преку пророкот рекол: „Во каква состојба ќе те најдам, во неа и ќе ти судам“ (Мудр. 11, 17).​Затоа ве молам и со љубов ве потсетувам, да бдееме постејќи, та смртниот ден да нè најде во добри дела, а не во лоши.​Иако за вас го одложив словото за овој ден, принуден сум да продолжам уште, гледајќи секој ден дека црквата е празна од вас, а таа приготвува венци за постниците, и претстојниот купел (крштална) кој ќе ги измие нашите прегрешенија, и трпезата со угоеното теле, заклано за целиот свет, Исус Христос, Синот Божји, Кој ево неа, и кој ги повикува верните на своето празнување и на живоносната храна, та секој кој прима да живее во вековите, како што рече самиот Господ: „кој го јаде моето Тело и ја пие Мојата крв, ќе живее вечно“. Бог нè повикува и преку пророкот кој рекол: „Вкусете и видете колку е благ Господ!“ (Псал. 33, 8).​Да пристапиме и ние како незлобливите деца, држејќи во рацете гранчиња, односно добрите дела, викајќи и говорејќи Му на Христа: „Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа! Бог е Господ и ни се јави!“ (Псал. 117, 26-27).