Воведение на Пресвета Богородица во храмот – Пречиста (04 декември)

Преданието за Воведение, како и другите преданија за животот на Пресвета Богородица се сочувани кај разни свети отци и учители на црквата. Праведните родители на Дева Марија, Јоаким и Ана долго време немале деца, односно биле бездетни. Нивната желба за свое дете била голема, и затоа постојано му се молеле на Бога да им дарува и на нив дете. Јоаким и Ана се заветиле дека ако нивната молитва биде услишана, дете ќе го посветат на Бога. Така им се родила Дева Марија.

Кога Богородица наполнила една година, Јоаким ги повикал првосвештениците и целиот народ израилски и положил дарови на првосвештениците, а тие ја благословиле Марија со зборовите:„Гоподи погледни на ова дете и испрати му благослов кој не престанува никогаш“, а потоа и го ставиле името Марија. Кога Марија наполнила две години, Јоаким и рекол на Ана: „Ајде да ја одведеме Марија во храмот Господов, за да се исполни заветот кој го дадовме, бидејќи се плашам да не го разгневиме Бога и да ни го земе детето“, а Ана на тоа одговорила: „ќе почекаме да наполни три години, бидејќи се плашам дека сега ќе не бара постојано“. И така и се случило, Марија во храмот била одведена на нејзината тригодишна возраст. Во свечената поворка што три дена патувала од Назарет до Ерусалим најнапред оделе девојчиња облечени во бела облека, со запалени свеќи во рацете, по нив Јоаким и Ана за рака ја воделе малата Марија, а по нив оделе многу роднини и пријатели. Со нив, невидливи за човечкото око, патувале и многу ангели. Малата Марија била облечена во свечена облека, со многу украси, како што и приличи на царска ќерка и божја невеста. Од Назарет до Ерусалим имало три дена пат, но овојпат, бидејќи се работело за патување  со Божја промисла, или со божји благослов, поворката со леснотија го изоила ова растојание.

Пред храмот свечената поворка ја пречекале свештениците на чело со првосвештеникот  Захариј, пеејќи црковни песни. Храмот бил на подиздигнато место и во него се влегувало по скали со 15 степеници. Родителите ја оставиле малата Марија на почетокот на скалите и таа самата, и сигурност на многу поголема возраст, се искачила по скалите весело гледајќи во храмот и со сигурност  не  свртувајќи се кон своите родители и кон народот што ја придружувал. Таму ја пречекал првосвештеникот Захариј, (таткото на свети Јован Крстител), кој на општо изненадување на насобраниот народ, а по божја повелба, ја внесол во најсветото место во храмот, наречен „Свјатаја свјатих“, (или Светиња на светиите). Тука никој не смеел да влезе, особено не жена, не влегувале ниту обичните свештеници, а и првостештеникот влегувал само еднаш во годината и тоа на празникот на очистувњето, кога принесувал жртва. На ова се чуделе не само луѓето туку и анѓелите, но и ова е направено со Божја промисла и е поврзано со идната улога на Богородица, мајката на Исус Христос. Потоа Јоаким и Ана како што било ред принеле дарови и жртви за Бога и откако добиле благослов од свештениците се простиле со Марија и заедно со роднините и пријателите се вратиле во Назарет. Подоцна тие честопати го посетувале храмот во кој живеела Марија, особено тоа го правела мајката Ана. Овде во храмот, освен млади девојчиња кои се воспитувале во вистински божји дух и се подготвувале за идната служба, во посебни простории живееле вдовици кои служеле во храмот, како што била и пророчицата Ана, што светиот апостол и евангелист Лука ја споменува во своето Евангелие.  ( Лука, 2: 36-38) По смртта на својот маж Јоаким, таму се преселила и Ана, мајката на Марија, но и таа малку време живеела со својата ќерка бидејќи наскоро починала.

Во храмот Богородица останала до 12-тата година. Тука живеела заедно со други девојчиња, заедно се молеле, принесувале жртви, пееле црковни песни, го читале Светото Писмо и учеле некои домашни работи како везење, плетење и сл. Храна примала од раката на ангелот кој  ја штител од секакво зло. Била послушна кон сите и затоа сите ја сакале и почитувале. Така во овој храм Пресвета Дева Марија се подготвувала за идната слава што ја очекувала. Црквата ја нарекува прекрасна зора од која што изгреало сонцето на правдата. Светото предание уште сведочи дека кога Марија стигнала до возраста кога девојките го напуштале храмот и се омажувале, свештениците побарале  и таа тоа да го направи. Но Марија тогаш им ја соопштила својата решеност да не стапува во брак туку до крајот на животот да остане во храмот и да му служи на својот Бог. Но тоа не го дозволувале законите, поради што се барало компромис. По Божја промисла таа била дадена на чување кај еден постар човек по име Јосиф, роднина на нејзините родители. Поради тоа во сведоштвата праведниот Јосиф се среќава и како нејзин старател, но и како нејзин свршеник. Така биле задоволени тогашните еврејски закони, а на Марија и била исполнета желбата засекогаш да остане Девица и да му служи на Бога. Дотогаш меѓу Евреите не било познато доживотно заветување на Бога, така што Марија е првата девојка што се решила и што успеала до крајот на животот да биде заветена или посветена на Бога. По нејзиниот пример подоцна тргнале илјадници девојки и момчиња.

Во спомен на воведението или воведувањето на тригодишната Марија во храмот Светата Црква го востановила празникот Воведение што се празнува на 21 ноември по стариот (или на 4 декември по новиот) календар.  Црковното предание за воведувањето на Богородица во храмот започнало да се запишува уште во вториот век, во текстови познати под името апокрифи. Во четвртиот и петтиот век ова предание било познато во целиот христијански свет. Како празник Воведение започнал да се слави многу касно, затоа што во црковните споменици се јајува дури во VIII век. Такво сведоштво имаме во Синајското празнично евангелие напишано со златни букви, кое е дарувано од страна на царот Теодосиј на синајскиот манастир. Во ова синајско празнично евангелие се наоѓаат 12 големи празници, меѓу кои и Воведение. Сведошто за овој празник имаме и во грчките месецослови од  XI век.  Меѓутоа иако овој празник се споменува меѓу големите празници, сепак нема обележје на голем празник. Во синајаскиот каконар од X век каде што се напишани прокимени за големите празници преку целата година, празникот воведение не се споменува. Само во указот на визнтискиот цар Маноил Комнен од 1166 година се споменува меѓу деновите кога не се суди.

Црковните песни за овој празник ги напишале: Ѓеорѓиј митрополит никомидиски а подоцна и хартофилакс на храмот Св. Софија во Цариград, напишал две литиски стихири и првиот канкон; Лав Вардалис напишал слава и ниње на литија и слава и ниње на хвалитни; Сергиј помалиот напишал слава и ниње на стиховните стихири и Јосиф Химнограф напишал какон на претпразненство.