Пристигна новиот парохиски свештеник во Црковната општина „Света Петка“ во Рокдејл – Сиднеј (Нов Јужен Велс)

Со благослов на надлежниот архиереј на Австралиско – сиднејската епархија, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, во мисија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија на Австралиско тло, односно во Австралиско – сиднејската епархија пристигна новиот свештеник, презвитерот м-р Владо Недески, кој од Охрид доаѓа на позицијата парох при Македонската православна црквовна општина „Света Петка“ во Рокдејл („Saint Petka“ – Macedonian Orthodox Church – Rockdale – 65 Railway Street, Rockdale NSW 2216).

Новиот парохиски свештеник, отецот Владо со своето семејство на 12. 12. 2017 година пристигна во Сиднеј. На Сиднејскиот аеродром му беше организиран свечен пречек од страна на Црковниот одбор на црквата „Света Петка“, при што многу народ со радост го пречека својот нов свештеник, со искрена надеж дека со неговото пристигнување конечно ќе се намалат тензиите околу прашањето кој ќе раководи со најголемата црковна општина во Австралија и дека еднаш за секогаш ќе се стави крај на судскиот спор, кој веќе долги години се влече по Австралиските судови, на штета на целата Македонска православна црква – Охридска архиепископија и заедница, а од кој корист имаат единствено само адвокатите, кои ги застапуваат двете страни.

Архимандритот Гаврил (Галев), заедно со верниот народ му посака топло добродојде и успешна мисија во Рокдејл, каде живее многу македонско население, кое треба конечно да се сплоти и да биде заедно за добробитот на целата македонска заедница.

Со доаѓањето на отец Владо, кој беше и асистент на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, по предметите Литургиско богословие и Хеортологија – ќе продолжи активно литургиско-богослужбениот и духовно-просветниот живот во црковната општина.

Австралиско – сиднејската епархија со доаѓањето на презвитерот Владо Недески – се здоби со уште еден свештеник, со што уште една покрај низата досегашни проекти покажа дека се грижи за своите верни чеда.

Од име на цела Епархија на отец Владо му посакуваме топло добредојде во Сиднеј и лесно и среќно прилагодување во новата средина, и секако успешна мисија на новата нива Господова во Австралија.