Репортажа за канонската посета на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј на Австралиско – сиднејската епархија

Во изминатиот периодот од 03 до 29 јануари во редовна канонска посета/визитација на Австралија, односно на Австралиско – сиднејската православна епархија благоволи да дојде нашиот надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, кој во придружба со протоерејот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски благоволи да посети и богослужи во многу храмови низ епархијата, кои однапред беа предвидени во програма[1].

Митрополитот заедно со црковната делегацијата од Р. Македонија пристигна во далечна Австралија во доцните вечерни часови, слетувајќи на аеродромот Туламарин[2], каде беше пречекан од неговите духовни чеда, кои во голем број дојдоа да му посакаат топло добредојде и престој во Австралија.

Следејќи ја претходно утврдената програма, веќе утредента Митрополитот со црковната делегација ја започна својата канонска визитација со посета на храмот „Свети Наум Охридски“ во Аделаид – Јужна Австралија, каде утредента токму на празникот посветен на светиот Наум, Охридскиот чудотворец, чие име го носи храмот беше отслужена Света божествена архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереј – ставрофор Ефтим Бетински, протоерејот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред започнувањето на Литургијата беше извршен чинот на преосветување на храмот, а по нејзиното завршување беше прекршен празничниот колач и Митрополитот г. Тимотеј им се обрати со пригодна беседа, но и со лично слово кон верниот македонски народ во црковната општина, со искрена порака да се вратат кон нивната единствена мајка црква МПЦ – ОА, да го изберат единствениот вистински пат кон спасението со избор на легален и лигитимен свештеник, зашто црквата без свештеник не е црква. Митрополитот ги поучи и да не се плашат за нивните имоти, зашто на нашата црква и требаат луѓе, а не градби. Исто така се осврна и на овие тешки времиња за Р. Македонија и Македонците, на времето во кое не ни треба разделување, туку обединување, па затоа и ги предупреди да не ги слушаат манипулациите од одредени внатрешни манипуланти на нашиот народ, водени често од лични интереси, туку да се издигнат над тоа, и да ги подржат оние кои се залагаат за добробитот на Македонците во оваа наша црква во Аделаид, како што е претседателот на Општината, заедно со управата[3]. Во попладневните часови Митрополитот и црковната делегација се упатија кон Мелбурн – Викторија.

На 07 јануари кога го празнуваме славното Рождество Христово – Божик, во Соборниот храм „Пресвета Богородица“ во Сиденхамм Мелбурн – Викторија, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереј – ставрофор Ефтим Бетински (старешина на храмот), протоерејот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој во голем број и пристапи кон светиот Путир. По завршувањето на Литургијата беше прочитано Божикното послание.[4]

Веднаш пак утредента (08 јануари – Втор ден Божик и Собор на Пресвета Богородица) во храмот „Свети Јован Крстител“ во Џилонг – Викторија, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереите: Чедомир Илиевски (старешина на храмот) и Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа.[5]

Радоста при оваа канонска визитација беше полна особено и поради враќањето во прегратките на Мајката Црква на црковната општина „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, каде на 06 јануари пристигна новиот парохиски свештеник о. Климент Станковски[6], а на 09 јануари, на празникот на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, после цели 22 години[7], Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј чиноначалствуваше на Светата божествена литургија, која беше отслужена во сослужение на повеќе свештенослужители: протоереј – ставрофор Ефтим Бетински, игуменот Гаврил (Галев), протоерејот Никола Христоски, ерејот Климент Станковски (старешина на храмот) и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред почетокот на Литургијата, беше извршен чинот на очистување на храмот. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот освен со пригодна беседа, се обрати и лично кон сите верници, како и кон членовите на Управата од оваа наша црква, на кои им порача дека со доаѓањето на новиот легален свештеник, отец Климент Станковски, тие направиле вистински потег за пофалба, со кој после долги години се враќаат кон единствената Мајка Црква. Митрополитот ги охрабри да не се плашат и да знаат дека никој, ниту тој лично, ниту некој од Синодот, не се заентересирани за нивните имоти, туку единствено се заинтересирани за нив, како членови на Црквата, чија глава е Христос. Митрополитот им го честита празникот со желби и молитви нивниот пат секогаш да биде правилниот пат, единствениот кој води во Царството Божјо. На свечениот ручек, свој поздравен говор имаше и претседателот на црковната општина во Епинг, г – дин Мирчо Ангелоски[8]. Мора да забележиме дека овој настан преставуваше историски чин и дека како таков ќе остане засекогаш како ден за паметење и радост во поновата историја на МПЦ – ОА.

По Литургијата во храмот во Епинг, наредните денови започнаа подготовките за Генералното епархиско собрание на Австралиско – сиднејската православна епархија, кое се одржа на 11 јануари во просториите на „Шелдон Ресепшн“ во Мелбурн – Викторија, под раководство на претседателот на истото, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, а на кое беа разгледани повеќе прашања од животот на Епархијата. На свеченото собрание присуствуваа делегати од 11 цркви, кои се под надлежност на Митрополитот г. Тимотеј, и тоа се следниве цркви:

1 – „Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн – Викторија;

2 – „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн – Викторија;

3 – „Свети Јован Крстител“ во Џилонг – Викторија

4 – „Свети Никола“ во Кабрамата, Сиднеј – Нов Јужен Велс

5 – „Свети Димитриј“ во Волонгонг – Нов Јужен Велс

6 – „Света Петка“ во Рокдејл, Сиднеј – Нов Јужен Велс

7 – „Свети Илија“ во Квинбијан – Нов Јужен Велс

8 – „Свети Климент Охридски“ во Канбера – Австралиска Капитална Територија

9 – „Свети Никола“ во Перт – Западна Австралија

10 – „Свети Наум Охридски“ во Аделаид – Јужна Австралија

11 – „Света Недела“ во Голд Кост – Квинзланд

Собранието работеше по предложениот дневен ред, според кој, најпрво се усвои Извештајот за двегодишното работење (2015 – 2016) на Митрополитот г. Тимотеј во Австралиско – сиднејската православна епархија. Потоа беше разгледан и усвоен финансовиот извештај на благајникот на Епархијата, а се пристапи и кон усогласување на ставовите на Светиот Архиерејски Синодот (САС) на МПЦ – ОА и Епархиското собрание за Статутот на Австралиско – сиднејската православна епархија, со што се овозможува регистрирање на Епархијата во Австралија. Истите беа усогласени без некои посебни дискусии и забелешки.

Епархиското собрание ги реизбра членовите на Епархискиот управен одбор (ЕУО) со мандат за уште две години, а исто така избра и делегати за Архиепископски црковно – народен собор (АЦНС). Делегатите на собранието искажаа искрено добредојде на црквата „Света Петка“ од Рокдејл, како црква и управа, кои најмногу претрпеле одделни непријатности во изминатиот период. Искажаа и искрена благодарност за храброто решение на црквата „Свети Ѓеоргиј и Пресвета Богородица“ од Епинг, за целосно вклучување во редовите на МПЦ – ОА, со назначувањето на легитимен свештеник во лицето на о. Климент Станковски.

Делегатите избраа и Просветен одбор, кој ќе се грижи околу просветната и издавачката дејност на Епархијата, а за доброто на Македонците во Австралија. Делегатите дадоа поддршка на Младинската организација (MOYA) и зедоа обврска на секој начин истата да ја поткрепуваат, како во идеи, така и материјално. Се даде предлог да се испита и можноста за организирање на свеќоливница, во организација на Епархискиот управен одбор, која би била главен добавувач на свеќи за црквите и манастирите во Австралија. Делегатите посветија сериозно внимание и на состојбата во црквата „Света Недела“ во Голд Кост – Квинзланд, која се сретнува со економски проблеми, бидејќи и самата има малку членови. Тука се покажа солидарноста на повеќе цркви, кои одлучија финансиски да ја поткрепат таа црковна општина[9].

Наредниот ден (12 јануари) делагацијата отпатува за Сиднеј – Нов Јужен Велс. На 14 јануари, на празникот Обрезание на Господ Исус Христос и свети Василиј Велики, во храмот „Свети пророк Илија“ во Квинбијан – Нов Јужен Велс, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереите: Ѓорѓи Митев (старешина на храмот) и Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа[10].

Во Триесеттата недела по Педесетница (15 јануари), кога ги празнуваме светите Силвестер папа Римски и Серафим Саровски, во храмот „Свети Климент Охридски“ во Канбера – Австралиска Капитална Територија, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Никола Христоски, свештеникот Радојчо Митрев (старешина на храмот) и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа[11].

На 19 јануари, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, во храмот „Света Петка“ во Рокдејл, Сиднеј – Нов Јужен Велс, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на игуменот Гаврил (Галев), протоерејот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Големиот Богојавленски водосвет и потоа Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа. Потоа сиот верен народ, предводен од Митрополитот Тимотеј и свештенството, се упати кон водите од Тихиот океан при сиднејското крајбежје, каде според традицијата беше спуштен светиот Крст[12].

Потоа на 20 јануари, на празникот Собор на свети Јован Крстител, во храмот „Свети Никола“ во Кабрамата, Сиднеј – Нов Јужен Велс, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереј – ставрофор Ѓорѓи Лапоски (старешина на храмот), протоереј Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа[13].

На 22 јануари, во Триесет и првата недела по Педесетница, во храмот „Свети вмч. Димитриј“ во Волонгонг – Нов Јужен Велс, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереј – ставрофор Љубомир Милошоски, протоереите: Александар Ивановски и Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач и Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа[14].

По неколку дена поминати во Сиднеј, на 24 јануари делегацијата се упати кон Перт – Западна Австралија, каде Митрополитот г. Тимотеј најнапред оствари повеќе средби со верниот македонски народ во црковната општина „Свети Никола“ во Перт – Западна Австралија, кои ги поучуваше дека на Синодот не им се потребни имотите, но верниците, на кои им порача – да бидат со МПЦ – ОА[15].

На 29 јануари, во 32 Недела по Педесетница, во храмот „Свети Никола“ во Перт – Западна Австралија, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на протоереите: Станко Јовановски (старешина на храмот) и Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати кон верниците со пригодна беседа[16].

По отслужената Литургија, истиот ден Митрополитот заедно со црковната делегација отпатува за Р. Македонија со што заврши канонската визитација.

Исто така треба да се нагласи дека за време на канонската визитација, Митрополитот секојдневно остваруваше работни средби со многу црковни одбори и со паствата и во секоја дадена прилика му посветуваше време на народот. Така два пати гостуваше во радио и даде интервјуа најнапред во Македонската радио програма „Трипл зед“ (3ZZZ)[17], а потоа и во СБС (SBS)[18], кои беа упатени до целата Македонска јавност и заедница во Австралија. Двете интервјуа беа скоро идентични и со бројни искрени и пастирски поуки во духот на вистинското Православие и со надеж дека набргу еднаш за секогаш сите проблеми, раздори и расколи ќе изчезнат во минатото. Митрополитот нè советуваше: „Во никој поглед нашите верници не треба да се плашат дека владиката Тимотеј е дојден со лукавство или не знам какви трикови или итрини да им зема или поткупува некаков имот на нашите македонски цркви во Австралија, туку напротив, се застапувам и имотите и црквите да си бидат на Генералното членско епархиско собрание на одделни цркви“. Уште додаде дека луѓето во дијаспората ги граделе и создавале црквите и другите имоти за нивни потреби и дека канат свештени лица од Р. Македонија само со цел да ги задоволат нивните религиозни и верски потреби. И во првото интервју посочи дека тој и САС на МПЦ – ОА не сакаат имоти во Австралија и никогаш не биле заинтересирани за тоа, туку сакаат полни храмови со верници. Всушност поточно кажано, Митрополитот г. Тимотеј се застапува црквите и имотите да останат во сопственост на оние, кои ги создавале и нивните потомци.

Кога би собрале и одземале сè, останува впечатокот дека Митрополитот г. Тимотеј заедно со црковната делегација оствари успешна канонска визатација на Австралискиот континент, посетувајќи ги и богослужејќи во скоро сите црковни општини во богомдарованата Австралиско – сиднејска православна епархија, претседавајќи со Генералното епархиско собрание, остварувајќи низа работни средби со претставниците на македонските црковни општини и заедници и со мноштво верен народ.

На крај ја користам оваа прилика јавно од мое име, од името на свештенството, монаштвото и верниот народ и црковните општини и заедници на Австралиско – сиднејската православна епархија и од името на MOYA да му се заблагодариме на нашиот надлежен епархиски архиереј – Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј – за неискажаниот неуморлив труд и пастирска грижа и посветеност, и за љубовта и разбирањето, кое ни го укажа на сите нас, неговите духовни чеда, населени насекаде низ Австралија, кои повторно наскоро го очекуваме да не удостои повторно со посета.

 

Ананија Ананиевски,
претседател на MOYA

[1] http://falanga.com.au/programa-za-kanonskata-vizitacija-na-mitropolitot-timotej-na-avstralija-vo-2017-godina

[2] http://falanga.com.au/mitropilitot-gtimotej-pristigna-vo-kanonska-vizitacija-vo-melburn-

[3] Види повеќе: http://www.dke.org.mk/index.php/2950-a

[4] Види повеќе: http://www.dke.org.mk/index.php/2951-o-o-o-o-o

[5] Види повеќе: http://www.dke.org.mk/index.php/2952-o-o-o-o-o-a

[6] Види повеќе: http://falanga.com.au/foto-melburn—pristigna-noviot-sveshtenik-vo-crkvata-sv-georgij-i-presveta-bogorodica-vo-eping

[7] http://falanga.com.au/video-mitropolitot-gtimotej-chinonachalstvuvashe-vo-hramot-sv-georgij—melburn-posle-22-godini-

[8] http://www.dke.org.mk/index.php/2953-o-o

[9] Види повеќе: http://www.dke.org.mk/index.php/2954-2017-01-12-10-45-53

[10] Види повеќе: http://www.dke.org.mk/index.php/2955-2017-01-14-05-27-27

[11] Види повеќе: http://www.dke.org.mk/index.php/2956-2017-01-15-00-49-35

[12] Види повеќе: http://www.dke.org.mk/index.php/2957-o-o-o  и http://falanga.com.au/bogojavlenie-vodici—sidnej-2017

[13] Види повеќе: http://www.dke.org.mk/index.php/2958-o-a

[14] Види повеќе: http://www.dke.org.mk/index.php/2959-o-2

[15] http://falanga.com.au/fotografii-gtimotej-makedoncite-vo-avstralija-da-bidat-so-mpc-oa

[16] http://www.dke.org.mk/index.php/2960-32-o

[17] http://falanga.com.au/ekskluzivno-za-radio-3zzz-vladikata-timotej-ne-saka-imoti-toj-saka-vernici-

[18] http://www.sbs.com.au/yourlanguage/macedonian/mk/content/vladikata-timotej-za-sbs-se-zastapuvam-crkvite-i-imotite-da-ostanat-vo-sopstvenost-na-onie?language=mk