Синаксар на четврта недела по Пасха, за раслабениот

Стихови:

Во Овчата бања, Христос со еден збор, како мудар лекар, го исцели раслабениот.

 

Во тој ден, четврта недела по Пасха, правиме спомен на раслабениот (парализираниот) и, како што прилега, празнуваме едно чудо што го направи Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос. Овој настан е поместен овде затоа што Христос го направи за време на еврејската Педесетница. Кога се искачи во Ерусалим за празникот, и кога беше во бањата со пет тремови, што ја направи Соломон, наречена уште и „Овча бања” (на еврејски – Витезда), затоа што во неа ги переа утробите на овците што беа заклани и принесени како жртва во храмот. Таму еднаш годишно се исцелуваше и првиот којшто ќе влезеше во бањата по раздвижувањето на водата од страна на ангелот. Токму таму Христос наоѓа еден човек кој имал триесет и осум години и кој лежел неподвижен чекајќи некој да го спушти во водата. Од него се учиме и ние колку е добро чекањето и трпението. И, бидејќи Бог сакаше да ни го даде крштението кое треба да не очистува од секаков грев, Он покажа и во Стариот завет дека со помош на водата е можно да се прават чуда, та кога тоа (крштението) ќе дојде, да го примиме подготвени. Исус се доближи до раслабениот, кој се именувал Јара или некое име слично на ова, и го праша. Тој, пак, Му кажа дека нема кој да му помогне. И Христос, Кој знаеше колкава е болката на тој човек, му рече: Земи го одарот твој и оди. Веднаш тој оздраве и го зеде својот одар на плеќите, за да не помисли некој дека ова дело е привидение, и си отиде дома. Но бидејќи беше сабота, Јудеите му бранеа да оди. А тој се оддалечи од Оној што го исцели и му рече да оди во сабота, бидејќи не Го познаваше. А Исус, како што вели Евангелието, исчезна во народот што се беше собрал таму.

Подоцна, Исус Го најде во храмот и му рече: Ете, сега си здрав и повеќе не греши, за да не ти биде полошо. Оние што ги пренесуваат овие зборови Христови пропуштиле да кажат дека овој човек беше токму оној што подоцна Му удри шлаканица на Исуса кога Тој беше на суд пред првосвештеникот Кајафа. Поради ова тој ќе наследи во оној живот уште потешки маки во вечниот оган, отколку оние што му ги предизвикуваше парализата, не само триесет и осум години, туку за вечноста. Згора на тоа, Исус покажа дека неговата болест парализа била причинета од неговите гревови. Меѓутоа, гревот не е причината за секоја болест; таа може да дојде и од некоја природна причина, од прејадување или од недостаток на исхрана, или од некои други причини. Кога раслабениот дозна дека Исус е Тој што го исцели, ги извести Јудеите. Тие, пак, се разгневија и сакаа да Го убијат Христа, бидејќи ја нарушуваше саботата. Исус им кажуваше многу работи, како и тоа дека е праведно да се прави добро и во сабота; дека Он, Кој е рамен на Отецот, рекол оти треба да се почитува саботата, и дека и сега постапува по Неговиот пример.

Треба да знаеме дека овој раслабен не е истиот за којшто зборува евангелистот Матеј, бидејќи она се случило внатре и дека имало луѓе кои му помагале на болниот, и дека Исус му рекол само: Ти се проштаваат гревовите. Чудото за кое станува збор овде се случило во тремот на Соломоновиот храм, и болниот немал никого да му помогне, како што вели светото Евангелие. Но и во двата случаи болните ги носеле своите одари.

Ова чудо се празнува сега бидејќи тоа се случило во текот на Педесетницата, како и разговорот со жената Самарјанка, и исцелувањето на слепиот. А Тома и мироносиците ги празнуваме за да го потврдиме Христовото Воскресение од мртвите. Другите настани, до Вознесението, се поместени тука бидејќи тие се случиле во разни околности за време на еврејската Педесетница, и затоа што Јован ги споменува по тој редослед.

По Твојата неискажлива милост, Христе Боже наш, помилуј не и нас, амин.