Списание

До читателите и Уредувачкиот одбор на списанието „Православие“

Драги читатели,

Основачот на светата Црква, Господ Исус Христос, праќајќи ги Своите апостоли да го проповедаат Евангелието, им вели: „Одете и научете ги сите народи“ (Мт. 28, 19). Оваа порака, кажана пред две илјади години од Господа Исуса Христа на апостолите, се однесува и на сите пастири и учители на Неговата света Црква. Верата, и покрај тоа што е всадена во моралниот закон кај секој човек, таа, како и сите останати дисциплини и науки кои се потребни во животот на луѓето, се учи и се усовршува. Таа треба да се учи и усовршува и кај секој православен македонски човек. Нашата Светиклиментова македонска православна црква, низ својата долга макотрпна историја, била мајка и учителка на својата паства. Таа ја извршува оваа улога и денес, како во Р. Македонија, така и во дијаспората, помеѓу нашите браќа и сестри.

Иницијативата за покренување на епархиско списание е благородна и, пред сè, насушна потреба за нашите луѓе во Австралија. Како архиереј на МПЦ – ОА, го даваме нашиот архипастирски благослов и се надеваме дека ова списание ќе придонесе во запознавањето на нашата православна вера, како и за зачувувањето на македонската традиција со вистинското православно значење.

Вашето благородно дело да биде за просперитет и углед на Македонската православна црква, за спасение на душите на сите што ќе го читаат и на оние што ќе работат на него.

Со архипастирски благослов,
Митрополит Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски
г. Тимотеј

20.03.2017 година
Охрид, Р. Македонија

Редакција
e-mail: pravoslavie@mpcaus.org