Свечена Вечерна богослужба по повод празнувањето на споменот на свети Василиј Велики, архиепископот Кесариски во храмот „Свeти Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн (Викторија)

На 13. 01. 2018 година, во предвечерието, кога Светата Црква го празнува Обрезание на Господ Исус Христос и споменот на Свети Василиј Велики, архиепископ Кесариски, во црковната општина „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, архимандритот Гаврил (Галев) во сослужение на старешината на храмот, јерејот Климент Станковски служеше Вечерна богослужба.

На Вечерната богослужба учество зеде мноштво народ, кој ја имаше несекојдневната можност да се поклони на светите мошти на свети Василиј Велики, архиепископот Кесариски, чиј спомен го празнуваме.

Голема беше радоста кај присутните верници кога Архимандритот Гаврил го отвори кивотот со свети мошти. Благоуханиети беше присутно и верниците кои се поклонија се исполнија со благодат.

Парохискиот свештеник, отец Климент Станковски одржа свое пригодно слово, во кое меѓу другото нагласи дека Црквата во личноста на светиот столб на Божјата Црква, светиот Василиј, кој заради чистотата и ревноста и заради неговиот голем богословски ум се  нарекува Велики – ни дава возвишен пример за однесување.

На крај мноштвото верници му го честитаа годишниот јубилеј од парохиската служба во Австралија на отец Климент и му посакаа крепко здравје, големи успеси во новото Лето Господово, многу мигови исполнети со радост.

По Вечерната богослужба, свештенството и Божјиот народ традиционално, во спомен на чудото што свети Василиј го извршил во свое време, го разделија лепчето со паричка (василопитата).

По молитвите на свети Василиј Велики, Господи Исусе Христе, помилуј не! Амин.