Светителот на нашето време

Отец Гаврил од Лесновскиот манастир беше голема утеха за малубројните вистински христијански заедници (христијани со свој духовен отец, со правило за духовен подвиг, кои редовно се исповедаа и се причестуваа), кои во негово време (1971 – 1990), во Р. Македонија беа распрснати како мали оази на спас во пустината на атеизмот и христијанскиот номинализам. Гледајќи од денешна перспектива – после четврт век од неговото блажено упокојување, ако продолжиме да живееме како во последно време – политички и национално поделени, а без покајание, истото нѐ чека сите заедно и во иднина, само во друга околина. Фала на Бог за сѐ!

Бог во секое време им испраќа на Своите луѓе утеха, како што и нам ни беше отец Гаврил во тоа време. Секое време си носи свои потешкотии при исполнувањето на Христовите заповеди и при ширењето на словото на вистината, но и свои олеснувања. Не би навлегувал во споредба на тогашните и сегашните услови, но едно е сигурно – Преданието на вистинската вера и на вистинските дела е едно и исто, и тогаш и сега. Ова двоедно Предание, на лично-соборно ниво, се сведува на умно-срдечната молитва – „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, а на соборно-лично ниво се сведува на живо учество во Евхаристијата на Црквата.

Вистински носител и сведок на ова Предание беше и отец Гаврил. Нас, сигурно, посебно нѐ интересира неговото учење за умно-срдечната молитва – клучот на вратата за суштински влез во севкупното Предание на Црквата. Тој го сведочеше и пренесуваше својот подвиг на молитвата во срцето, и на дело и со збор.

Ако случајно го сретнев на улица во Скопје, на пример, кога доаѓаше за сеноќните бденија што ги организиравме еднаш месечно во црквата „Света Петка“, морав да му пријдам и да му се обратам по име, затоа што одеше со наведната глава и никого не забележуваше по патот – посветен на молитвата. Од него првпат дознав за умно-срдечната молитва („Господи Исусе Христе, помилуј ме“). При првата посета на Лесновскиот манастир, ми рече: „Постојано кажувај си ја во себе или наглас молитвата ’Господи Исусе Христе, помилуј ме‘, и ништо друго не мисли“. Овие зборови може да ги слушнеме само од човек со опит, затоа што според логиката на овој свет не е возможно човек постојано да се моли, а притоа на ништо друго да не мисли.

Денес и ние според своите сили го пренесуваме истото Божјо Предание – Богочовекот Исус Христос. Им објаснуваме на нашите монаси дека местото на срцето во кое умот се симнува да ја твори молитвата е, всушност, последното место на Светото Евангелие – да им бидеме слуги на сите. Дека за разлика од епископот на Црквата, кој треба да биде слуга на многу луѓе, за нив е доволно да им станат слуги само на братството или сестринството на манастирот, што не е многубројно. И дека штом станеме слуга на сите во манастирот, односно штом седнеме на последното место, тогаш срцето само се отвора за умно-срдечната молитва и нам засекогаш ни станува познато местото на срцето. Потоа, молитвениот подвиг зависи само од нас.

Светиот отец наш Гаврил истовремено ни беше и пример и поттик. Тој е и благовесникот на возобновувањето на монаштвото во нашата Црква, МПЦ – ОА. Впрочем, тоа го покажува неговото име, добиено според Ангелот благовесник.

Ако сакаме и се потрудиме, Црквата Божја и денес може да донесе светителски плодови како светиот отец наш Гаврил Велички; и фала Му на Бог, уште носи. Нашата Црква денес го обзнанува отец Гаврил како светител. Нашите храмови уште од пред седумнаесет години се украсени со неговите фрески и икони. Неговото житие и црковна служба се напишани. Ние што го познававме, уште во тоа време го почитувавме како светител; и никакви додатни докази и потврди од никој друг за тој факт не ни се потребни.

Преподобен отец Гаврил, моли Го Бог за нас!

Митрополит Струмички г. Наум

(27.05.2017 – 15:56)