“ТОЈ РОД СО НИШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИСТЕРА, ОСВЕН СО МОЛИТВА И ПОСТ.” – АРХИМАНДРИТ ГАВРИЛ (ГАЛЕВ)

Во ова евангелие Господ јасно ни покажува која е причината за  нашите немоќи и страдања, а тоа е нашето неверие или маловерие. Затаоа откако Господ му рекол на таткото на детето: Ако можеш да поверуваш? Се е можно за оној што верува!” овој извикал и со солзи рекол: “Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!”. Се смирил, си ја признал својата немоќ, си ја признал својата слаба вера и со покајание исповедал, затоа и Бог му дал сила да поверува  и неговиот син бил излекуван.

Ако малку повеќе обрнеме внимание на Христовиот одговор, ќе забележиме дека лекот и терапијата која Господ ни ја препишал, пред се, е духовна. Верата во Бог, молитвата и постот. Тоа  е така затоа што сржта, сушността на нашиот живот е духовна. Човекот е психофизичко битие создаден од земја (материја) според образот и подобието Божјо за вечна заедница со својот Бог и Создател. Но по престапот, гревот влегол во светот, а со тоа болестите, страдањата, скрбта, несреките…  сепак милостивиот Бог докрај не се откажал од своето создание и му дал покајание и начин за спасение, та сега човекот секогаш се наоѓа помеѓу двата пола, живото и смртта, на доброто и лошото, Бога и мамона (ѓаволот). Кога ќовекот ќе го заборави Бог, (невереие) тогаш и во него влегуваат гревот и болестите. Кога ќе се приближува до Бога, тогаш се исцелува и напредува. Ако е здрав нашиот дух, здраво ќе биде и нашето тело.

Лекот и терапијата за секоја немоќ и болест, според Господ Исус Христос се молитвата и постот кои, за жал, сите ние сме ги заборавиле. Сме ги заборавиле овие две главни работи во духовниот живот и затоа ѓаволот има многу лесен пристап до нас.

Ако паѓањето во вода и оган од денешното Евангелие ги разбереме како нашите меѓусебни односи, тоа значи дека тие одат од крајност во крајност и ние сме немоќни да ги контролираме.

Зошто?

Св. Ап. Павле повикува: Браќа… Облечете се со сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство; оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата. (Еф. 6,12-13). Што значи, нашата борба е духовна.

Ѓаволот е лукав и дух по својата природа и делува преку нашите помисли и мисли, и ако ние ја немаме молитвата, тогаш тој многу лесно може да влезе во нас и многу лесно може да манипулита со нашите помисли и мисли, па ние да му поверуваме и тука веќе настанал проблемот. Ѓаволот е татко на лагата и човекоубиец и тој сака да не скара, да не раздели, да не погуби и турне во пеколот. Ако сме неразумни и глупави па наместо да се молиме на Бог да ги просветли нашите мисли и ги отфрлиме, почнеме да ги прифаќаме и отвориме дијалог со нив, тогаш лесно можеме да и поверуваме на истите и се поистоветиме со нив како вистинити, та да се помрачиме и ете го веќе на дело настанал гревот и недај Боже, ако не се освестиме навреме, тогаш може да дојде до несакани нешта и големи последици од тоа.

Молитвата е разговор и заедница со живиот и личносен Бог. Практикувајќи ја молитвата ние нашиот ум и срце го издигаме кон Бога и нашата концентација е во Бог, преку љубовта. Заедничарејќи со Него, Тој ни ја дава и Неговата благодат која е оган за демоните и тогаш тие, едностано, немаат пристап до нас. Тогаш тие се згрчуваат, парализираат и бегаат од нас. И Затоа Господ ни открива “Тој род, демонски, со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.”

Молитвата треба секогаш да е поткрепена со постот. Постот не значи само нејадење на одреден вид на храна, туку постот значи воздржување од се што е излишно и непотребно. Со воздржание на нашите мисли, на нашите желби и страсти, ние имаме контрола над самите себе и му ги врзуваме нозете и рацете на ѓаволот и не му дозволуваме да делува врз нас. Затоа постот и молитвата светите отци ги нарекуваат две крилја на нашата душа кон царството небесно. Заради тоа да ги засакаме, постот и молитвата со сета своја душа и сета своја сила, да ги практикуваме и прифатиме со целиот наш живот, та да се јавиме победници над гревот и неосудно да достигнеме да му се поклониме на светото воскресение. Амин.