ТРИЕСЕТТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА

На 15.01.2017 година, во Триесеттата недела по Педесетница, и на празникот на Сивестер папа Римски и светиот Серафим Саровски, во храмот „Св. Климент Охридски“ во Канбера, Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештеникот Радојчо Митрев и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Свeтиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Во денешното Евангелско четиво, прочитано на светата Литургија, го слушнавме разговорот на еден богат млад човек со Господа Исуса Христа. Овој настан се случува на последното одење на Господа Христа кон Ерусалим, пред Неговото страдање. Христос, на тој пат, ги благословува децата и ги положува Своите безгрешни раце врз нивните глави. На народот кој Го следел му вели: „Вистина ви велам, ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно” (Мт. 18, 3). Во тој момент, еден младич Го запрашува Господа Христа, што треба да направи за да спечали вечен живот? Спасителот му одговара дека треба да ги држи Божјите заповеди и да живее според нив. Овој млад човек одговорил дека сето тоа од младини го запазувал, но, што е уште потребно? Имајќи во предвид дека Израилскиот народ, живеејќи формален живот на исполнување на закони и прописи, како што ги нарекува Евангелието, фарисеи и садукеи, кои се презентирале пред народот како исполнувачи на Законот Мојсеев, но само формално, без да ја исполнат самата суштина, така, и овој младич, како некој фарисеј, постел, одел во Синагогата, давал десеток и други прописи исполнувал, но сепак чувствувал дека сето тоа не е доволно за да се здобие со вечен живот. Од таа причина, дополнително Го запрашува Христа, што уште е потребно да направи. Христос му одговара: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!” (Мт. 19, 21). Иако овој човек искажал желба за спасение на својата душа, му паднало жал да се одвои од своето богатство и го напуштил Христа. Христос ќе каже: „Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно; и уште ви велам: полесно $ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо” (Мт. 19, 23-24).

Должни сме да појасниме дека нашата вера и учењето на светата Црква, не е против богатството и против трудот кој создава благосостојба на личноста, на семејството, на Црквата, допринесува на општеството итн. Напротив, Црквата од нас бара да се трудиме и да создаваме услови за пристоен живот. Богатството само по себе не е зло. Уште помалку, тоа не е грев. Нема да биде грев доколку истото правилно се користи и служи како средство за живеење, за ползување, но, и за правење на добри дела, а грев е само тогаш кога тоа ќе ни постане идол и цел во нашиот живот.

Во историјата на Црквата Христова, како во Стариот завет, така и во Новиот, имаме многубројни праведници и Божји угодници кои биле многу богати. Да се потсетиме само на царот Давид, на царот Соломон, и најкласичен пример ни е праведниот Јов, кој бил многу богат, со имот, со синови и ќерки, но, по Божјо допуштање, сè изгубил. Кога барале од него, неговата жена и неговите роднини, „навреди Го Бога па умри” (Јов 2, 9), тој, со трпение, набожност и со почит кон Бога ќе одговори: „Господ даде, Господ го зеде. Нека е благословено името Господово” (Јов, 1, 21). Заради таа негова одданост кон Бога, Бог го оздравува и повторно му ги враќа имотот и челадта. Исто така, имаме и многубројни Божји угодници и во Новозаветната црква. Луѓе, кои го посветиле својот живот и своето богатство на исправен начин. Тоа богатство не им било цел во нивниот живот, туку, средство за одење по Христа и правење добри дела. Да си спомнеме само за светите браќа Кирил и Методиј. Синови на богат војсководец во Солун, но, и самите биле богати. Самиот св. Методиј бил војсководец во Византиската империја а св. Кирил бил, пак, учен философ.

Покрај овие два антиподи, на богати и на неверници, постои и уште една, трета категорија, за која ни зборуваше и денешното Евангелие. Тоа се луѓе кои ја немаат изгубено целосно верата во Бога. Имаат обичај понекогаш и да дојдат в црква, да запалат свеќа, да ги крстат своите деца, да се венчаат, да ги испратат своите мили според црковен обред и други религиозни обреди да почитуваат. Такви денес има многумина. Но, тие се повеќе приврзани за нивните пари, слави, положби и не се подготвени од ништо да се откажат заради Христа и за верата. Тие се подготвени, доколку треба да ги запазат своите позиции, и од Христа и од Црквата да се откажат и да постанат придружници на Јуда, бидејќи богатството и положбата им се посвети и помили од спасението на нивната душа.

Да се поучиме од ова Евангелско четиво, независно од тоа колку сме богати, силни и на добра положба. Да научиме и да знаеме дека вечниот и блажен живот е поскапоцен и повреден од сите овоземни трулежни богатства и слави.
Да се обратиме со искрена молитва кон Семилостивиот Бог и кон мајката Божја. Да ни го просветлат умот и срцето, па да ја засакаме верата, но не формално, не фарисејски, туку, онака, како што го бара од нас нашата света Црква и нејзиниот Основач Господ Исус Христос. Амин!

30. недела по Педесетница
15.01.2017 год.
Храм „Св. Климент Охридски” – Канбера, Австралија

Преземено од: http://dke.org.mk/index.php/2956-2017-01-15-00-49-35