За Литургијата – Свeти Јован Кронштатски

Има ли нешто повеличествено, потрогателно, поживотворно на земјата од св. Литургија? Во неа се изобразува и извршува највеликата тајна на љубовта Божја кон човечкиот род – соединувањето на Бог со луѓето преку воплотувањето, богонауката, преку страданието, смртта, погребението и воскресението – тајна на обновувањето и обожението на човештвото, тајна на соединувањето на луѓето со Бога преку вкусување од Неговата Плот и Крв. Таа тајна со своето величие го поразува умот и секој разумен христијанин неволно го влече кон побожност, благодарност и славословие Божјо. Делото Божјо, извршувано на Литургијата, ги надминува со своето величие сите дела Божји извршени во светот и самото создавање на светот. Тоа е вистинско небесно Божјо служење на земјата; кој присуствува на таа служба разумно и достојно, добива блаженство, мир и утеха за својата душа! Таа го храни умот, го весели срцето, доведува солзи на умиление, побожност, благодарност, побудува кон несебични подвизи на љубов, милосрдие и сострадание кон сите луѓе, сите ги соединува во еден братски сојуз, во еден сојуз ги сврзува небото и земјата – ангелите и луѓето; сите ги радува со надежта за воскресението и бесмртноста.

О, колку е величествена, света, спасителна и сакана Литургијата за христијаните! Храмот навистина станува небо! Затоа што Бог во Троица слегува врз светиот животворен престол секој ден и го извршува преголемото чудо на Своето милосрдие, претворајќи ги лебот и виното во пречисто Тело и пречиста Крв на Божјиот Син и верните ги удостојува со нив.

Литургијата е дух и живот; нејзината замисла е сите да бидат едно во Христа (Јован 17,21); човекот е безмерно возљубен од Бога, бидејќи е образ Божји, но тој е паднат образ Божји, кој е востановен и повторно дигнат преку крајното смирение и понизување на Божјиот Син. Благодарение на Света Троица, Која нè спасува! Човекот непрестајно се востановува, обновува, спасува со пречистото Тело и Крв Христови, се обожува. Литургијата е највеликото чудо на благоста, премудроста, семоќноста на Господа Бога, таа е непрестајно чудо, со радост и страв, со љубов кон Бога и еден кон друг треба да присуствуваме при нејзиното извршување. За време на Литургијата, секогаш невидливо служат небесни Сили. Со свештеникот служат сите светии и сите ангели.

Литургијата е непрестајно, громогласно свидетелство за Божјото милосрдие кон нас, искупување, обожение, семоќност, премудрост, правда, светиња.

Литургијата непрестајно ни напоменува за највеликото чудо, извршено на земјата од Бога, според Неговата бескрајна љубов кон луѓето, имено – дека Бог се јавил на земјата во нашата плот, ги учел луѓето, пострадал и умрел за нас и воскреснал од мртвите, – и преку тоа ни напоменува за љубовта кон Бога, кон правдата, кон Неговата светост, кон милосрдие и небесно мудрување. Тоа што се извршува за време на Литургијата со своето величие, благост, премудрост, бесконечна крепкост, бесконечна правда ги поразува сите ангелски умови, тоа е тајна на воплотувањето и земниот живот на Господа, Неговите учења, чудеса, страданија, смрт и воскресение, пресуштествувањето на лебот и виното во вистинско Тело и Крв на Господа и причестувањето на верните со нив… Литургијата е небесно служење на земјата, највеликото чудо на Божјата љубов и правда – служење на бесмртноста на човечкиот род, велика победа на Божјото милосрдие над човечките гревови, велика победа над ѓаволот, која се извршува секој ден и им овозможува вечно блаженство на оние кои го победуваат ѓаволот со вера и покајание; таа дарува бесмртна храна и питие, очистување на гревовите, осветување и вечен живот.

Сите обреди, свештенодејствија и молитви на свештенослужителите за време на Литургијата, бараат чисто внимание и смисла, бодар и пламтечки со вера и љубов дух, затоа што целото тоа свештенодејствие е Божја премудрост. За такво кратко време и во такво мало пространство се припомнуваат толку грандиозни збуднувања, кои се случиле во разно време и на разни места, збиднувања кои ја изразуваат бездната на Божествената премудрост, благост, сила, долготрпение, правда, милосрдие. Тука треба секоја секунда да го следиш секое слово, дејствие и обред со поглед, слух, мисла, срце, та ништо да не испуштиш, да не пропуштиш без внимание, поучување, усовршување. Да, Литургијата бара душа мудрољубива, претходно очистена, несврзана со житејски пристрасности и грижи, устремена нагоре.

Колку е возвишена Литургијата на Јован Златоуст и Василиј Велики! Каков небесен дух! Каква широка љубов кон Бога и луѓето! Какво небесно срце! Целата земја, со сите нејзини сокровишта, убавини, сладости, е ништо пред таква тајна, каква што е пречистото Тело и Крв на Господа, каква што е свештенодејствието на Литургијата! Нема ништо поголемо и повелико од Литургијата – ниту на небото, ниту на земјата.

О, висина, о величие, о убавина и сладост на божествената Литургија, о богатство на духот и наше блаженство! За време на Литургијата небото и земјата се соединуваат; Бог – со луѓето, ангелите небесни се земни жители, сите свети праотци, патријарси, пророци, апостоли, евангелисти, ерарси, маченици, преподобни и сите светии! О, каков светол, свет, љубовен, небесен, прекрасен, блажен сојуз! Литургијата е чудна, величествена и божествена служба на земјата! Во неа земаат учество не само земните свештено и црковни служители и мирјаните, туку и небесните ангелски чинови и сите свети Божји угодници, кои живеат на небесата; од неа имаат полза и нашите покојници или преисподните (за време на Литургијата преклонува колена сè што е небесно, земно и подземно (Филип. 2,10), како што тоа се гледа од самата содржина на Литургијата и од нејзиниот претходен дел, проскомидијата).

О, Литургија света, божествена, премудра, сесовршена, сеочистителна, сеспасителна, сеосветителна! Кога јас ќе те изложам со крајна желба и радост во слатки беседи со народот? – Има за што слатко и за радост на сите верни да се побеседи при изложувањето на нејзината содржина и смисла! Ти си жртва о всех и за всја (за сите и за сè), – за сите светии (жртва благодарствена и хвалебна) и за сите живи и умрени (жртва умилостувачка и очистителна). Чудна е твојата сила, твоето величие, твојата сеопфатност! Ти си похвала и слава на Светата единосуштна и неразделна Троица! Ти си општење на небото и земјата – на ангелите и луѓето! Ти го симнуваш на земјата непрестајно воплотениот Бог и Светиот Дух заедно со соприсносуштниот Отец! Ти ја обрнуваш земјата во небо! Ти ги правиш земните луѓе небесни, и колкумина си направила такви – нема број – во сите минати векови и сегашни, и ќе направиш во идните!

Литургијата е најдобриот пробен камен за нашата духовна состојба: живи ли сме или мртви – што се гнезди во нас, какви страсти, какви душевни немоќи? Зошто луѓето често пати биваат така студени кон Литургијата?  – Од недостаток на расудување, од маловерие и неверие и од житејски страсти… Има ли нешто поважно, повеличествено, почудотворно, посвето, побожествено, потрогателно од Литургијата? Но, мнозина од христијаните се мртви, глуви за неа, стојат безволно, студено, блудејќи со мислите и погледот. Од која причина? – Од недостаток на вера во тајната и особено од недостаток на размислување за нејзиното величие, светост, животворност и за нејзините плодови – обновувањето и вечниот живот. Мнозина се глуви поради приврзаноста на нивното срце кон привременото и тлено богатство, кон житејските наслади, кон разни плотски похоти.  Треба да бидеме особено внимателни кон она што го чувме за да не отпаднеме (Евреите. 2,1)… Литургијата е противтежа и отпор на постојаното тление, кое господари со светот; таа ги осветува осквернетите од гревопаѓањето, ги исправува грешниците, ги дига паднатите, ја прогонува гревовната смрдеа; таа е благоухание на Светиот Дух.

Ползата од Литургијата, извршувана со побожно внимание, е неизмерна не само за целата Православна Црква, туку и за целата вселена, за сите луѓе од сите вери и исповеди, зашто бескрвната жртва и молитвите се принесуваат на Господа за целата вселена: заради извршувањето на Литургијата Господ долго трпи и го милува целиот свет, дарува изобилие на земни плодови, граѓански успеси, успеси во науката, искуствата, во земјоделието, во домашното стопанство; Господ ги милува не само луѓето, туку и добитокот кој му служи на човекот. О, Литургија чудесна, Литургија вселенска, Литургија божествена и боготворна! О, знак на безмерната Божја љубов кон грешниот свет, кој погинува во гревови! Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот (Јован 3,16). И јас, многугрешниот, сите денови на мојот благосостојбен живот и’ ги должам само на Литургијата, која секојдневно се застапува и за мене со неискажливите воздишки на Светиот Дух (спореди Рим. 8,26). Амин.

Божествената служба, при нашата борба со гревовите и противните злобни сили, чудесно обновува, закрепнува, очистува, ободрува; и таа за мене е најголемото богатство во животот. Му благодарам за тоа на Господа. Бесценето богатство ми е дадено од Господа во богослужението. Во него е животот на нашата душа, целото нејзино сокровиште; тука е нејзината татковина, нејзиниот живот, нејзината светиња, нејзиното воспитание, нејзината храна и питие, сила и слава.