Житие на Епископот Велички Гаврил

За светата личност за која се дрзнувам да пишувам, не сум достоен ниту да помислам, а дури и неговото име го носам и го сквернам. Го молам светителот да ми прости, но и да ме благослови и да ми ја просветли мислата успешно да го завршам пишувањето на ова негово кратко житие, како еден мој најмал дар и благодарност кон него.

Потекнуваме од ист град, па дури и од исто маало, а јас, за жал, не го паметам.

Знам дека кога се воцрковив и кога почнав редовно да одам во црква, да читам духовна литература, да постам и да се молам, ме споредуваа со некој си Мијалче. Воопшто не знаев дека тој Мијалче, всушност е отец Гаврил Светогорецот и дека еден ден ќe бидам удостоен од Бога да бидам наследник на неговото име (интересно е тоа кога посакав да станам монах и кога прв пат поседов во манастирот во Водоча, мојот духовен отец, Владиката Наум, без да знае дека толку го сакав, веднаш ми го даде неговото име).

За него имам слушнато уште од моите родители и првите соседи што го познаваа. Ми раскажуваа дека една година кога дошол во својата родна куќа, ја забележал нашата детска љубопитност и нѐ викнал кај него дома заедно со другарчето, ни дал бонбончиња и ни зборувал.

Така неколку дена, а потоа заминал и не се вратил повеќе. На моја радост или жал, тоа е мојата единствена средба со овој свет човек, кој ни бил блиску, а толку далеку.

 

Монах во светот

Епископот Велички Гаврил е роден на 1926 год. Во Штип од православни родители, Методиј (подоцна со монашко име Кирил) и Горица Парнаџиеви. Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град.

Уште како млад се карактеризирал со посебна кротост и послушност. Во учењето бил остроумен и со посебен наследен талент во ликовната уметност која ја крунисал и со диплома од белградскиот универзитет, отсек вајарство во 1955 год.

Бил еден од подобрите вајари во државата. Подоцна се вработува како професор по историја на уметноста и ликовно образование во штипската гимназија.

Од 1944 година бил учесник во НОВ. Во почетокот на војната бил вклучен како партизан, а по завршувањето на борбите, во 1947 година бил прекомандуван во Корпусот на народната одбрана, во единици стационирани на граница, како специјални одреди составени од одбрани борци. Најпрво бил на граничниот сектор кај Делчево (Царево Село), потоа во Кавадарци, и на крајот на граничната линија на Кајмакчалан. Во својата единица бил на должност- писар, како строго доверливо лице. Едно време бил и секретар на Скоевската организација. Поради големата ревност во службата и примерно однесување бил предложен и за прием во КПЈ, но поради тоа што „одел во црква” никогаш не станал нивни член. Се стекнал со чин водник и е одликуван со орден „Заслуги за народ”.

По демобилизацијата извесно време бил на служба во градскиот народен одбор во Штип. Две лета учествувал и на работни акции во Нов Белград како и на автопатот Белград – Загреб, каде што добил и пофалници.

Потоа се запишал на Факултетот за ликовни уметности во Белград. По дипломирањето, во 1955 година, работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и Учителската школа во Штип. Според оценката на ревизорот, познатиот уметник Борко Лазевски, тој бил „еден од најспособните педагози во Македонија”. Поради мошне развиената вон училишна настава, штипската гимназија била прогласена и за најдобро средно училиште во Македонија. Една од вон часовните активности на децата било и издавањето на училишниот весник „Ученичен глас”, кој во свое време бил доста успешен и по многу нешта единствен.

Неговите ученици со радост раскажуваат и го опишуваат како високо морална личност. Уште тогаш отец Гаврил е забележан со брада и со многу тивок пристап кон секого. „Сѐ што ни предаваше како професор сакаше сите да го знаеме. Тоа што сакаше да го слушне од нас ни го пишуваше посебно на лист хартија и секому посебно му го даваше, само да го разбереме и запаметиме. Во пролетните денови ние учениците се договаравме да одржуваме час во природа. Настојувавме постојано да одиме. Тој никогаш не нѐ одбиваше. Секогаш настојуваше да бидеме надвор, да не седиме само во училницата, бидејќи надвор имаше што да се види, нацрта и научи“.

Покрај работата во училиштето, како професор, епископот Гаврил, заедно со неговиот татко Методиј (подоцна монах Кирил) работел и како скулптор. Нивните прекрасни експонати се наоѓаат низ парковите во Штип и околината, но и на други места. Допринел за подобро естетско обликување на својот роден град, за што има добивано и признанија од тогашниот претседател на општината, како и многу други.

Сочувани се неколку спомен обележја направени од рацете на отец Гаврил. За жал, заради нивно неодржување, многу негови дела исчезнаа, како на пример „Момчето со флејтата”, “Човекот што мисли” (овој споменик се наоѓаше во непосредна близина каде што се гради првиот храм посветен на Светиот епископ Велички Гаврил) но останаа само сликите и спомените на старите штипјани за нив. Се додека бил жив неговиот татко Методиј, скулптурите биле одржувани. Познатиот штипски уметник, Тодор Максимов за делата на Мијалче Парнаџиев ќе рече дека тие се вистински ремек дела.

Истиот тој Тодор, подоцна често го посетувал и во Лесновскиот манастир. Но, тогаш отец Гаврил повеќе не покажувал интерес за вајарството и се предал на монашки живот. Откако целосно се посветил на Бога преку подвигот на монаштвото кој значи апсолутно покајание (преумување) и смирение, о. Гаврил, многу ретко разговарал за уметноста, иако бил академски сликар и вајар и имал големо познавање на таа тема. Не работел ништо и целосно откажувајки се од себе, се откажал и од уметноста. Тој внатрешен порив за уметност, што за еден уметник е незамисливо и премногу тешко и болно, о. Гврил успевал да го држи под контрола. Со тоа покажува колку многу го сакал Бога и колку силен бил карактерот што го поседувал.

Како докажан и проверен педагог бил предложен и за професор на Педагошката Академија во Штип, но кога таа отпочнала со работа, тој во 1960 година се преселил да живее во Скопје. И таму се покажал како доста успешен самостоен уметник.

За време на траењето на студиите и педагошката активност, двапати престојувал во странство. Најпрво како студент во втора година бил на научен престој во Париз, а потоа (1959), со група просветни работници бил на светската уметничка изложба во Брисел.

Мијалче или о подоцна o.Гаврил, од секогаш бил мирен и повлечен, но истовремено и напреден и современ. Иако по ништо не заостанувал зад своите врсници, па дури и во многу работи бил чекор напред, во Штип го имал првото популарно Фиќо, неговиот живот во се бил монашки и пред да сѐ замонаши. Додека бил во светот, имал навика секојдневно да присуствува на богослужбите во соборната црква Свети Никола во Штип.  Неговиот живот во сѐ бил монашки и пред да се замонаши. Во својот дом постојано пребивал во својата соба читајќи, молејќи се и живеејќи за Бог. А кога во неговиот дом доаѓале гости, тој културно и од учтивост се поздравувал со нив и повторно се повлекувал во својата соба. Девственоста ја сметал за голема светиња. Во тоа време, иако било време на најстрог комунизам и атеизам, со програмиран прогон на Црквата, тој не се откажал од Бога. Дури и своите ученици ѓи поучувал во верата. За Велигден редовно им делел по едно црвено велигденско јајце и им велел: Деца, изедете ги јајцата, згмечете ја лушпата и расфрлете ја по градот за да видат сите дека Христос воскресна!

 

На Света Гора

Вo 1963 год. го остава светот и светската служба и заминува со сиот свој живот да му служи единствено на Бога. Заминува на Света Гора Атонска.

Самиот негов подвиг да стигне пеш од Солун на Атон ја изразува неговата ревност и желба целиот свој живот му го предаде Христос. По три дена и три ноќи одење, стигнал на Света Гора. Затоа и директно од игуманијата на Света Гора – Богородица, добил благослов да остане. Се раскажува дека кога стигнал во монашката држава, дошол на брегот на Белото море и сакал да се измие. Тогаш здогледал жена која умилно го гледала. По некое време жената, како што дошла, така и заминала. Размислил и заклучил дека тоа била Богородица, бидејќи пристапот на жени на Света Гора е строго забранет. Тоа го охрабрило во неговиот понатамошен подвиг.

Само затоа што бил македонец , за време на неговиот престој на Света Гора, имал постојани политички проблеми од властите, меѓутоа Бог го чувал преку целото тоа време. Грците, за кои се знае дека се непостојани, му ветиле дека кога сака може да отиде во Света Гора, без никакво ограничување. Му рекле дека може да остане во српскиот манастир Хилендар, кој ужива статус на автономна српска територија под крилото на Света Гора. Тој им поверувал и останал таму. Но, подоцна работите се одвивале поинаку.

Се споменуваат две такви случки, кога во две различни прилики сакале да го протераат од Света Гора. Во едниот случај, влегол во една пештера каде еден пајак исплетел толку голема пајажина што гонителите не го виделе, а во другиот случај, пак, го заштитиле змии.

Решен за храбар подвиг тој решил да остане во градината на Мајката Божја, па макар и без дозвола од официјалните власти. Целиот случај го оставил и предал во рацете на Бога. Така тој живеел во пустина и се населил во пештера, а многупати живеел и на отворено.

Тие отворено му изразиле сомневање дека бил испратен од епископот Доситеј (подоцна прв Архиепископ на возобновената МПЦ) тука да формира македонски манастир, како што на Света Гора сите православни земји имаат свои манастири. Таму бил примен само како нивни собрат и искрен православен верник. Тој нивни став бил знак и за другите словенски манастири никогаш да не го прифатат официјално во своите братства. На тој начин, епископот Гаврил бил слободен да оди каде и да сака и да биде најсрдечно примен, но само како почестен гостин.

Така, тој ги посетил сите манастири во Света Гора, а најмногу сѐ задржал во рускиот „Камена”. Таму се подвизувал во скитот во една пештера како послушник на 84-годишен руски монах, отец Татјан Иванов, кој подоцна станува негов духовен учител и старец и на кого му бил беспрекорно послушен.

Меѓутоа, старецот бил доста болен и тој морал да го однесе на болница во матичниот манастир „Свети Пантелејмон”. Таму во манастирската болница, по околу два месеца, се упокојува во Господа, па скитот го наследил монахот Гаврил. Во почетокот на управувањето со скитот, голема материјална помош, масло за кандилата, темјан и друго, набавувал од рускиот манастир, потоа од српскиот, бугарскиот, како и од грчките метоси „Моноксилит” и „Свети Николај”. Бо сите тие манастири, кога одел на богослужби, го прифатиле како вистински христијанин.

Според примерот на големите подвижници Антониј, Арсениј, Памво, сметал дека зближувањето со Бога најдобро може да се реализира преку оддалечувањето од луѓето и затоа несакал да се зближува со никој посебно. Во целото време додека о. Гаврил престојувал во Света Гора избегнувал контакт со луѓе.

На Литургија и причест најчесто одел во манастирите Хиландар и Свети Павле, каде заради неговиот исклучителен тивок карактер го добил и називот “Невидливиот“. Ниту го гледале кога доаѓа, ниту кога заминува, единствено можеле да го видат кога пристапувал да се причести со светите и спасоносни животворни тајни Христови.

Грчкиот манастир „Свети апостол Павле” му дал и писмена гаранција, додека Министерството на Грција почитувало други закони, а не законот на меѓучовечката љубов. Во истиот манастир бил замонашен, со монашко име Гаврил, по големиот небесен војсководец и архистраг Гаврил.

По едно негово енергично барање да му се даде документот „елинопистос” – грчко државјанство, услов за останување засекогаш на Света Гора, или да се врати во Македонија, тие, уверени дека не е нивни пријател, дефинитивно одбиле да го прифатат барањето и тој се враќа во својата родна земја.

Неговите подвизи на Света Гора никој не ги знае, останаа тајна за луѓето пред Бога, но од неговиот живот откако во 1971 год. се врати во Македонија, можеме да ги претпоставиме.

Во родната Македонија

Кога во 1971 година се вратил од Света Гора, барајќи мир за да може постојано да Му се моли на Бог, променил неколку манастири: Пресвета Богородица – Матка, Пресвета Богородица – Побожје, Свети Димитриј – Марков Манастир, Свето Преображение – Зрзе, за во 1975 година трајно да се насели во манастирот Свети Гаврил Лесновски во Лесново – Брегалничка епархија, тогашна Злетовско-струмичка. Таму често знаел и со денови да се повлече од манастирот и да се насели во двете ближни пештери, каде што се подвизувал и неговиот истоименик свети Гаврил Лесновски.

Во манастирот на Матка, во неговиот испоснички подвиг му се придружил и неговиот татко, кој при монашкиот потстриг го добил името Кирил. Така, родителот станал ученик на својот роден син, а пак, синот, како искусен духовен отец, смирено го раководел својот татко. И неговиот татко бил ревносен монах и силен молитвеник. Еднаш отец Кирил се молел во храмот за луѓето кои прелажени од ѓаволот, доаѓале преку ден испратени од бајачи и гледачи. Отец Кирил со солзи во очите се молел за нив, за Бог да им го прости гревот: „Господи, прости им на сите што денес згрешија. Од простота и незнаење одат таму и ѓи лажат. Не знаат, Господи, прости им!“. Тој се помолил за сите, и толку ѝ била угодна молитвата на Пресветата Владичица наша, упатена од овој праведник, што одеднаш од Нејзиниот пречист образ излегла голема светлина и заблескал целиот манастир. Од иконата на Мајката Божја како да излегувал пламен. Отец Кирил паднал на колена и почнал да плаче како мало дете и да сѐ радува. Таа светлина засветлила трипати.

Додека биле во манастирот на Матка, им се случило следното искушение. Рано наутро, околу два часот по полноќ, по светогорскиот обичај, отец Гаврил и отец Кирил служеле Божја служба во храмот. По молитвениот труд кога излегле од храмот, дошла полиција со цел да ги протера од манастирот. Полицајците настојувале Отците да го напуштат манастирот: „Излегувајте од манастирот, бргу соберете си ѓи работите и да ве нема“. Отец Гаврил стоел со бројаницата, молчел и со наведната глава се молел. Едниот полицаец го подбутнал отец Кирил, тој паднал на земјата и просолзил. Отец Гаврил само молчел и сеуште се молел. Тој ден си заминале со закана дека ќе дојдат другио ден повторно.

Меѓутоа, ноќта наврнало толку многу снег, што целиот град Скопје бил блокиран и никој не можел да оди на работа, ниту децата на училиште. Сите помагале чистејќи го снегот од улиците. Тогаш отец Кирил му рекол на отец Гаврил: „Гавриле, гледаш ли дека мојата солза не падна напразно. Ајде сега нека дојдат да нè прогонат“.  Отец Гаврил повторно ништо не рекол. А сето тоа се случило како одмазда на некои големи функционери, бидејќи им забранил да прават што сакаат.

 

Еден од најголемите подвижници

За отец Гаврил слободно можеме да речеме дека е еден од најголемите подвижници на денешнината. Никогаш не му давал одмор на своето тело. Имено, тој речиси никогаш не спиел, а и кога спиел, секогаш лежел на земја или на тврда рогозина. Имал само едно рачно извезено ќебе со крстови. Kога се вратил од Света Гора, бил многу слаб и со старата излитена мантија. Воопшто не обрнувал внимание на својата надворешност.  Не се капел, а и алиштата речиси не ги перел, освен кога ќе заврнело дожд, па тогаш дождовницата ја користел за перење. Но и покрај тоа, никогаш не испуштал непријатна мирис, туку напротив, од него се ширело благоухание на темјан и босилок, а на луѓето им било мило да стојат покрај Отец Гаврил.

Кога ќе фател некоја болва, не ја убивал. Ја пуштал повторно во природата велејќи: „Сѐ што дише нека Го фали Господа“, и покрај тоа што целото негово тело било изрането од убодите. За да биде неговиот подвиг уште поголем, а и како што самиот кажувал, за „постојано да се потсетува на Господ и да Му благодари“, на панталоните и на монашкиот појас, кој постојано го носел, а и одоздола на чевлите шиел ситни камчиња. Дури по неговото упокојување се дознало за овој негов подвиг.

Држел најстрог пост. Скоро ништо не јадел освен суварки, маслинки и чај. Една просфора му била доволна за цела недела. Никогаш не јадел масло, освен во саботните и неделните денови и за големите празници, за да не се прекрши правилото на постот, го топел и оближувал својот прст во маслото од кандилото. Го држел и целиот велигденски пост без јадење и пиење.

Советувал дека ако некој сака да го држи целиот велигденски пост без јадење и пиење, да го намали секојдневното движење и покрај себе да си чува корка леб и вода во случај да му се слоши. “И никако 40 дена, само 39. Ние не сме достојни да бидеме како нашиот Господ Исус Христос, кој постел 40 дена.” Кажувај го то за случајно да не сѐ возгордеш, па да си ја загубиш душата.

Не користел ни греење ниту пак сијалица. Дури после неговото упокоение луѓето дознале дека во црквата имало струја. Кога било премногу ладно тој лично на сите им ги покривал нозете со черги колку толку да се загреат, сите, освен неговите.

За неговата прва посета на манстирот Лесново за време на Богојавленскиот период, раскажува сегашниот Струмички Владика г. Наум. Кога дошол, веднаш го поставил на певницата да чита: “Читај” – му рекол, без да го праша дали знае Црковно-словенски. Преку смиреното послушание Господ прави чуда и тој почнал да чита течно црковно-словенски. Владиката Наум, присетувајки се на тие денови вели: “Толку беше ладно што кога застанував на певницата предходно морав да си ги истријам прстите,  ја местев свеќата помеѓу нив, затоа што со тек на времето тие брзо смрзнуваат и не можеш да ги мрдаш, туку само со целата шака ги вртиш страниците од книгата. По службата, така здрвен се упатував кон загреаното ќумбе во конакот и обидувајќи се да се “одмрзнам”.

 

Тихувател и другар на ангелите

И покрај многу строгиот пост и иако бил многу слаб, поседувал голема виталност и енергија. Бидејќи не сакал да се вози во автомобили, па затоа најчесто одел пеш. Одел многу брзо. Одел пеш од манастирот до Пробиштип, Злетово, па и до Штип, кој е оддалечен од Лесново околу четириесетина километри. Се зборува дека ангели му помагале полесно да ги совладува овие далечини. Во еден случај, еден свештеник од Струмица го пресретнал долу во Злетово и му понудил да влезе во колата за да не се мачи да се качува пеш.

Отец Гаврил секако одбил и отишол пеш преку гората. Свештеникот бил вчудоневиден кога пристигнал во манастирот, затоа што отец Гаврил веќе стоел пред портите пречекувајќи го.

Најредовно ги служел сите богослужби во манастирот. Целиот псалтир па и поголемиот дел од Тропарите и Празничните стихови ги знаел напамет, непрестајно трудејќи се во подвигот на умно-срдечната молитва.

Тишината и самотијата биле негови постојани сотрудници, затоа и често ги користел двете ближни пештери. А има и една чудесна случка од Света Гора. Близу до пештерата каде што се подвизувал имало една полјана. Еден ден, на полјаната си играле коњи, кои биле гласни и му пречеле во молитвата. Не издржал, излегол и ги изгонил. Кога се вратил, во ќелијата здогледал змија. Си рекол: „Така ти е, Гавриле. Ти пречеа коњите, сега Господ ти испрати змија. Не ја гони, остави ја, ќе живееш со неа“.

Дури и кога претстојувал во манастирот, од неговата уста не можело да се чуе никакво празнословие, туку само поуки за патот кон спасението. Кога ќе наиделе поголем број на луѓе, тој тивко и незабележително ги напуштал, оддалечувајќи се од човечкиот метеж и празните разговори.

 

Прозорлив и чудотворец

Од Бог добил дар на проѕорливост и чудотворство. На многумина што доаѓале во манастирот, а првпат ги гледал, им ги знаел имињата, па дури и потеклото, како што бил случајот со една посетителка која имала царско потекло, а сакала да остане анонимна. Отец Гаврил преку дарот на проѕорливоста го воочил тоа и ѝ направил чест како на кнегиња.

Потоа, едно момче раскажувало дека во својата младост се соочувал со прашања кои никако не можел да си ги одговори, па дошол кај отец Гаврил за духовен совет. Отецот, свртен со грб, не го ни погледнал, му ги кажал и прашањата и одговорите. Момчето било толку вчудовидено што дури и по неколку пати ги проверувал прашањата, кои лично самиот ги имал напишано на хартија. Има многубројни сведоштва за светоста на неговиот живот и неговата жед за Бог.

Епископот Гаврил се удостоил уште за време на овој живот да биде носител на благодатта на Светиот Дух и сведок на Божјата љубов. Покрај многуте дарови што ги поседувал, Себлагиот Бог му го дал и дарот на чудотворство и исцелителноста на молитвата.

Имал голема вера и љубов кон Бога, така да за што и да го помолел Бога, веднаш го добивал. Има многубројни примери за Чудотворноста на неговата молитва. Подолу ќе спомнеме некои од нив.

Внукот на едно негово духовно чедо бил многу болен и пред тешка операција, за која докторите не можеле да гарантираат дека ќе остане жив. Во тие тешки моменти на тага, духовното чедо заборавило на својот духовен отец, а на денот пред операцијата, во крајно бунило, добила просветлувачка помисла да појде кај дедо Гаврил (како што многумина го нарекуваа), веднаш тргнувајќи. Пред портите ја дочекал отец Гаврил со зборовите: Оди си дома, твојот внук е здрав. И кога се вратила дома, и’ кажале за чудесното излекување, на што најмногу се чуделе докторите.

Едно дете, по име Ѓорѓи, од некое струмичко село, не можело да зборува и неговите родители честопати го носеле кај отец Гаврил, за да се моли за него. Еднаш, за време на вечерната служба, тој го однел детето во храмот и му прочитал молитви. Наредниот ден отец Гаврил служел Света Литургија, притоа цело време се молел за детето. Откако тоа се причестило и по завршувањето на Литургијата, детето ги подигнало рацете нагоре и рекло: „Мамо!” Сите присутни во храмот се израдувале и биле зачудени. Му оддале слава на Бога, Кој прави чуда преку своите служители.

Преподобниот бил многу милостив и човекољубив со ближните. Еднаш, дошло некое семејство со трчање и во паника, бидејќи некоја кола го удрила нивниот син. Тогаш отец Гаврил влегол во храмот, веднаш започнал да се моли и доста време останал внатре. Кога излегол им рекол: „Одете, детето ќе биде дома здраво и живо. Ама тоа е, сте работеле во недела. Внимавајте на неделата и богослужбата. Работевте ли денеска?” Тогаш тие одговориле: „Работевме, работевме…” „Епа друг пат нема да работите во недела” – им одговорил отецот.

Долго време немало дожд во Лесново и селаните дошле да го молат отец Гаврил да се помоли на Бога да им испрати дожд. „Дојдете, ајде сите да се молиме на Бога…” и среде молитва, за чудо и радост на сите започнало да врне. Селаните започнале да му благодарат за молитвите, а отец Гаврил им се обратил скромно со зборовите: „Никогаш не ги препишувајте чудата на себе… Тоа не сум јас… Манастирот е чудотворен и свет, а и тие што доаѓаат добиваат исцеление!”

Постојат и други вакви случаи, поврзани со овој Богоугодник. Како и примерите на сведоштва за негови молитви за бездетни родители, на кој подоцна Бог им давал рожба. Познати се случаи и на нагови предвидувања кои подоцна се оствариле.

 

Недоразбирања со атеистите

Бидејќи живеел во време на атеизам, често бил изложуван на искушенија и омаловажувања од световните луѓе кои не ја почитувале светоста на Православната вера и манастирите. Така, еднаш една просветна работничка сакала да организира световен концерт во манастирот, на што отец Гаврил не се согласувал.  Покрај неговите најучтиви молби, таа останувала упорна во својата намера. Тој се повлекол и отишол на молитва. Само што ја наместиле бината и почнала приредбата, наеднаш се појавил облак и се излеал обилен дожд, та сите се разбегале.

Во друга прилика, во неговиот манастир дошла група војници. Тогаш тој се заклучил во својата ќелија и цела недела додека тие биле таму не излегол, пребивајќи во тишината на непрестајната умно-срдечна Исусова молитва. Тие се чуделе каде е „стариот“ и што се случува со него, а цела недела не излегол од ќелијата. Дури и му тропале на вратата за да проверат дали е жив. И уште многу други слични примери во кои достоинствено се борел за варата, и покрај честите полемики со нив за верата и побожниот живот.

 

Обновата на Лесновскиот манастир

Манастирот во Лесново во текот на времето станал кошница за сиот боготрагателски народ на тоа време. Притекнувале луѓе од сите краишта на државата, па и од странство, од најразличен профил, професија и возраст. Отец Гаврил станува возљубен духовен отец на многумина кои го бараат Бога. Сите ги поучувал во кротост, љубов, долготрпеливост, саможртвеност, ревност за Бога, вера, молитва…

Отец Гаврил бил и вреден градежник. Ја подигнал црквата Успение на Пресвета Богородица во Пробиштип, која е и прва и единствена црква во градот. Се зафатил и со обновување на разрушениот стар конак во манастирот. Најголема желба му била да ги види реновирани конаците, раскажувајќи и видно радувајќи сѐ. Целосно бил посветен на работата за обнова на конаците.

Бидејки било атеистичко време, некои знаеле и да го потценуваат и да се подбиваат со Отецот, па му ги завлекувале работите. Заради тоа често морал лично да оди во малешевијата и да преговара, а и таму да преноќува. Во еден таков случај, било зиме и многу ладно. Дошол во фабриката, а таму немало никој. Имало фудбалски натпревар и сите биле во просторијата каде бил телевизорот. Бидејки тоа не го интересирало, морал да ги почека во работилницата. Било доста студено и одеднаш само се запалило ќумбето, дури и толку силно што кога се вратиле работниците го пофалиле дека се сетил да го запали за да им биде топло, а тој знаел дека огинот не е од него, туку Господ му го дал како утеха.

Сеуште кај народот се раскажува случајот кога побарал од една фирма да ги направи кепенците на манастирот. Во фирмата му одговориле дека имаат проблеми преку глава заради сушната сезона и дека не им е до кепенците. Тој им рекол ако стават капенци, ќе заврне силен дозд. Така и се случило. Само што ги поставиле кепенците, заврнал обилен дожд.

Кога почнал со работа околу манастирот немал пари. Но Господ самиот си ги навраќал луѓето да донираат и помагат, па дури и чуда правел за да му помогне. Се зборува дека, иако постојано трошел пари за материјали, неговото конто во банката не се намалувало, напротив, се зголемувале парите. На кој начин, само Господ знае.

 

 

Почитуван духовник и свет отец

Имал голема љубов кон верниот народ. Често ги собирал луѓето за големите празници и држел сеноќни бденија. Еднаш на едно такво бдение куполата на манастирот почнала многу да се тресе. Сите се исплашиле и мислеле дека има невреме надвор. Тој знаел што е, само ги прегрнал , храбрејќи ѓи да не се плашат, искушение е и ќе помине.

Бил строг кон себе, а благ кон другите. Сите ги поучувал во кротост, љубов, долготрпеливост, саможртвеност, ревност за Бога, вера, молитва. Ги поучувал какви треба да бидат како христијани во оштеството и достоинствено да го проповедаат Христос, преку своето однесување, облекување, говор и дела. Младите ги поттикнувал да учат и да завршат што поголеми школи. Фамилијарните луѓе ги поучувал да го одгледуваат семството во православен дух и така да ги воспитуваат своите деца. Старите што повеќе да одат на Црква и со себе да ги носат и внуците. Се правел според зборовите на св. Ап. Павле: “ На секого и бев се, само за да го придобијам во Христос”. Имал големо срце и сите ги сакал, а Кон себе бил строг, строг во секој поглед.

Вратите на неговиот манастир биле ширум отворени за секој добронамерен посетител.

Секој посетител кој редовно ѓи посетувал богослужбите во манастирот, било задолжително да добие и послушание.

За присуствување на богослужбите бил посебно строг. Исто така, и секому му давал можност активно да учествува во нив. Имало и случаи кога сите клучеви и одговорности за манастирот му ги доверувал на некого кого првпат го гледал. Таквата негова отвореност во тие лица будело пресврт во нивниот живот, па во нив се разгорувала верата во Бог и човекот.

Отец Гаврил со својот богоугоден подвижнички живот засвети како светло зрачна ѕвезда во темнината на комунистичката заблуда. Неговиот свет живот допринел многу комунисти да го почитуваат и сакаат, гледајќи во него нешто свето и чисто, нешто што не и од овој свет.

Има многубројни сведоштва за светоста на неговиот живот и неговата жед за Бога.

Го имаат видено и како е целиот во пламен и подкренат од земјата. Еднаш еден човек кој многу добро го познавал ми имаше речено: “Не сум видел човек кој толку го сакаше Бога.”

Неговата преподобност била почитувана и надвор од нашата Црква. Пред да дојде на Света Гора, Србите сакале да го нараават Владика во СПЦ, имал блиски врски со о. Емилијан Симонопетарски, кој во тоа време бил игумен на Метеорите и сакал да го задржи отец Гаврил како игумен на еден од манастирите, а подоцна го барале да биде и игумен на скитот на св. Харитон Исповедник во Ерусалим.

 

Неуморен трудбеник и книжевен творец

Покрај сите свои подвизи и одговорности, учи и дипломира на теолошкиот факултет во Скопје (меѓу првите). Пишува книги и есеи во повеќе црковни весници. Покрај уметничките рецензии, автор е и на збирката поезија „33 Песни за Ерусалим“, „Света Гора – Небесна Земја“ (1978 год.), „Пред најголемиот јубилеј на човекот“ (1980), „2000-годишнина на Христијанството е на прагот“ (1981). И двете постхумано објавени дела „Правила и одредби на Православната Црква за постот„(1994) и „Отец Херувим“ (1998).

Во својата пастирска и духовничка дејност има зацртано три цели:

– Обнова на Лесновскиот манастир;

– Обнова на монаштвото;

– Свештено прославување на јубилејот 2000 години од Христијанството.

 

Унапредувања, Ракополагања и последни денови

Во 1981 год. од Синодот на МПЦ бил унапреден во архимандрит на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, а во 1989 год. е хиротонисан и за епископ со титула Велички.

На 28 Август 1989 Архимандрит Гаврил Парнаџиев бил хиротонисан за викарен Епископ на Архиепископот Гаврил со титулата еп. Велички. Наречението се случило на предходниот ден на 27 Август, а самата хиротонија на денот на Успението на Пресвета Богородица, која што тој многу ја почитувал.

Иако лично не сакал,  заради смирение и послушание примил хиротонија за Владика во неговиот манастир.

Неговите солзи сами течеа, а тоа ги повлече и солзите на сите присутни во Црквата. Благодатта на Светиот Дух го исполнувала целиот храм.

Солзи се лееле од неговите крупни очи. Солзи потикнати од длабоко смирение, дека не е достоен да го носи тој возвишен чин и благодарност за Божјата неизмерна љубов и милост. Меѓутоа тоа беа и еден друг вид на солзи. Тој знаел дека наскоро ќе ги напушти сите оние кои заради него дошле да се радуваат и дека ќе ги остави сираци, но и сакал затоа што веќе поодмана се спремал за Ерусалим, како што тој си го нарекувал Царатсвото Божјо. Тој реално многу го сакал и земниот Ерусалим, но сега не бил во прашање земниот Ерусалим, туку небесниот.

Еднаш, кога едно негово духовно чедо дошло кај него, наоѓајќи го сам во собата и со подготвено ковчеже, кое било скриено под чергата. Кога го пронашла ковчежето го прашала за каде се спрема!? Тој и рекол дека ќе патува за Ерусдалим и дека не се враќа.

На денот на самата Хиротонија, по Литургијата додека другите се подготвувале да го овековечат овој свет настан со заедничка фотографија, отец Гаврил се задржал во храмот и половина час неможел да ги собере солзите.

На малкумината што останале со него, им рекол “Вие ми дојдовте на погребение”. По што тие го укориле да не зборува така и дека денес е радосен ден за сите.

“Не, не , вие денес ми дојдовте на погребение”, биле зборовите на о.Гаврил.

Посебен дар од Бога е кога ќе си го знаеме денот на нашата смрт. Тоа им се дава само на големите праведници како што бил и св. Гаврил светогорец еп. Велички. Си ја предвидел својата блиска смрт и самиот си отслужил четириесет заупокоени Литургии.  На 40от ден се упокоил мирно во Господа. Раскажувал дека на тие негови последни Литургии му пееле ангели.

Тој бил многу штедлив човек. Колку што просечен македонец ќе потроши за еден месец, а австралијанец за една недела, тоа о. Гаврил го трошел за една година.

На тој ден луѓето се чуделе кога виделе дека раскрева вреќи со грав и се друго што било потребно за да се направи ручек за неговото погребение, не кажубајќи никому ништо. Само оставил едно ливче на кое пишувало “јадењето направете го без масло”. Гробот сам си го приготвил. Тоа била една обична рамна плоча и обичен од камен исклесан крст.

На 12 Јануари, со евангелието, кое постојано си го читал, и крстот на гради, а во раката со бројаницата за време на молитва мирно ја предал својата душа во Божјите раце.

Го нашле мртов после некое време, а бил веќе здрвен, требало да му ги трлаат колениците за да му ги исправат нозете и за да го положат во сандак. На неговиот погреб, присуствувале неколку владици и многубројно свештенство. Бил погребан зад олтарниот дел на манастирот покрај својот телесен татко и духовен син, монах Кирил.

Неуморните пастирски трудови ставија печат врз неговото немоќно тело, но не беа залудни. Средбата на многу души, кои талкаа и страдаа по овој свет, со неговите духовни книги беше пресудна. А колку повеќе може да се зборува за личните средби со него! Помеѓу многуте негови духовни чеда постојат и такви, кои тој ги вовел во верата, ги огласил со евангелските вистини и ги подготвил за Свето Крштение. Има и такви, кои ги извлекол од калта на гревот и пороците. Некои од нив ги присоединил кон светата Православна Црква. Други, пак, ги упатил на возвишениот монашки пат.

Се упокол и навистина не ги оставил своите духовни чеда. По неговото заминување во Горниот Ерусалим, на многумина им се јавил во сон, а на едно негово духовно чедо на кое почнал нагло да му слабее видот, му се јавува на сон, го излекол,  упатувајќи го кон црквичето Вознесение Христово – Штип.

Во домот на едно негово духовно чедо, од неговата фотографија, кој и ја дал додека бил жив, почнало да тече свето миро.

А и до ден денеска има значи и чуда на неговиот гроб од каде се чувствува и благопријатна миризба низ воздухот, а селаните кажуваат дека по неговото упокојување во Господа, на неговиот гроб гледале светлина во вид на огнен столб.

Неговиот свет, подвижнички и многустрадален живот, чистотата на верата, како и многубројните чуда, за време на животот, а и по смртта, се сигурен показател дека тој е примен во населбите на светителите. Таму пред престолот Божји се моли за неговите духовни чеда, за верниот народ на нашата Света македонска православна црква како и за сите кои со вера го повикуваат.

Во новите храмови на Р. Македонија речиси насекаде се живописува неговиот свет лик, се сликаат и икони, се запишуваат неговите чуда. Останува уште да се напише официјално житие, служба, акатист, да се одреди ден за негово празнување (најверојатно денот на неговото упокојување, 12 јануари) Откако ќе се извадат неговите свети мошти од гробот во Лесновскиот манастир – ќе се подготоват за неговото официјално канонизирање, т.е. признавање на неговата светост, и вбројување во диптихот на светителите.

По неговите свети молитви, Бог да нè помилува и спаси. Амин.

 

По молитвите на нашиот свет отец Гаврил Светогорец, епископ Велички, Господи Исусе Христе, помилуј не! Амин.

 

Тропар, гл. 8
Имајќи ја светската слава си го оставил светот.
И на пат кон Света Гора игуменски благослов од Богомајката си добил.
Со пост, бденија и молива си го запазил целомудрието, Богобојажлив Гавриле.
Моли го сега Христа, нашиот Бог, да го умножи монаштвото,
да ја запази Црквата наша и светот да го спаси.