Житие на преподобниот отец наш Макариј Велики, Египетски (01. 02)

Преподобниот Макариј Египетски се родил во Египетската земја, во селото Птинапор. Неговите родители биле истоименици на древните свети праотци – Авраам и Сара, а и таткото на преподобниот бил свештеник. Бидејќи нивното сопружништво било бесплодно, тие решиле да водат целомудрен живот, но без да се разделуваат еден од друг. И така тие поминале многу години, соединети во духовен соживот. Го украсувале својот живот со воздржание и пост, со чести молитви, непоколебливо бдение, штедро раздавање на милостиња, гостопримство и многу други добродетели.

Во тоа време, по Божјо допуштение, варварите го нападнале Египет и го разграбиле целиот имот на египетските жители. Заедно со другите, и родителите на Макариј биле лишени од целиот имот и поради тоа сакале да заминат од својата татковина во некоја друга земја. Но, еднаш во ноќта, кога Авраам спиел, му се јавил на сон светиот патријарх Авраам, во ликот на чесен, обелен старец во сјајна облека. Тој го тешел Авраама поради неговата несреќа, го советувал да се надева на Господа и да не се оддалечува од египетските предели, туку да се пресели во селото Птинапор. Притоа патријархот Авраам му претскажал дека Бог наскоро ќе го благослови со раѓање на син, како што некогаш го благословил самиот него кога се преселил во Ханаанската земја, и му дал син во староста.Кога се пробудил од сон, свештеникот Авраам ù го раскажал видението на својата жена, и двајцата Му воздале пофалба на Бога. Веднаш потоа тие се преселиле во посоченото село, кое се наоѓало во близина на Нитријската пустина. Сето ова станало по Божјо уредување, та синот, кој требал да се роди од нив – преподобниот Макариј – посилно да го возљуби пустинскиот живот, на кој, како што ќе видиме подоцна, се оддал со сета своја душа.

Кога момчето станало полнолетно и се научило да го разбира Светото Писмо, неговите родители, како да го заборавиле претскажувањето за него од ангелот, кој му се јавил на Авраама во видението, и посакале да стапи во брак, иако самиот тој немал никаква желба за тоа. Напротив, со сите сили се противел на наговарањето на своите родители, сакајќи да се сврши со единствената нетлена невеста – чистиот и непорочен девствен живот. Но, потчинувајќи се на волјата на родителите, Макариј им се покорил, предавајќи се целиот во рацете на Господа и се надевал дека Тој ќе му го посочи понатамошниот пат. По завршувањето на свадбената веселба, кога младенците биле воведени во брачната одаја, тој се преправал дека е болен и не се допрел до невестата, молејќи се од длабочините на своето срце на Бога и на Него ја положувал својата надеж, за Господ да му подари наскоро да остави световниот живот и да стане монах.

По неколку дена, еден од неговите роднини тргнал кон Нитријската планина, за да донесе селитра (*нитрат), која таму ја имало во огромна количина, поради што и самата планина била наречена “Нитријска”. По желба на неговите родители, заедно со него тргнал и Макариј. Кога стигнал до Нитријското езеро, тој се оддалечил од своите сопатници, сакајќи малку да се одмори од патот, и заспал. И ете, во сон имал видение –  пред него се појавил некој прекрасен маж, кој блескал од светлина, и му рекол: “Макариј! Види ги овие пустински места и внимателно разгледај ги, бидејќи тука ти е одредено да живееш”.

Кога се разбудил од сонот, блажениот почнал да размислува за она што му било кажано во видението и бил во недоумица што ќе се случи со него. Во тоа време уште никој не се населувал во пустина, освен Антониј Велики, и пустиножителот Павле Тивејски, кој никому не бил познат, подвизувајќи се некаде во внатрешноста на пустината и виден само од свети Антониј. Кога по тридневното патување до Нитријската планина Макариј се вратил со сопатниците дома, тој ја нашол својата сопруга како страда од толку силна треска, што веќе умирала. Наскоро починала пред неговите очи, преминувајќи во вечниот живот како непорочна девица.

И од тоа време тој веќе почнал да не се грижи за ништо земно, постојано живеел во Господовиот храм и се занимавал со читање на Светото Писмо. Неговите родители, кога виделе каков живот води, не се осмелувале веќе во негово присуство да споменат дури само име на жена, но многу се радувале на тој негов целомудрен живот.

Во меѓувреме, Авраам навлегол веќе во поодминати години и бил многу болен, па од старост и болест останал без вид. Блажениот Макариј со љубов и усрднист се грижел за престарениот и болен татко. Наскоро старецот отишол при Господа, а шест месеци по неговата смрт починала во Господ и Сара. Преподобниот ги погребал родителите со вообичаен христијански погреб и станал целосно слободен од врските на плотта, откако по погребот го раздал целот имот на сиромашните, за упокојување на душите на починатите. Во срцето тој бил многу тажен бидејќи веќе немал никого на кого што би можел да ја открие својата тајна и да добие добар совет за богоугоден живот. Затоа усрдно почнал да Му се моли на Бога да му испрати добар наставник, кој ќе го раководи по патот кон спасението.

По извесно време настапил денот на споменот на еден светител, во чест на кого, по обичајот на своите родители, и Макариј сакал да подготви прослава. Тој подготвил ручек, кој бил наменет не толку за неговите соседи, колку за сиромашните и несреќните. Присутвувајќи тој ден на црковната богослужба, тој видел еден чесен старец – монах, како влегол во храмот. Монахот имал долга бела коса и брада, која му достигала речиси до половината; лицето му било бледо од долгиот пост, целиот неговиот изглед бил благолепен, бидејќи и неговиот внатрешен духовен лик бил украсен од убавината на добродетелите. Старецот живеел недалеку од селото Птинапор, на едно пусто место, каде што имал отшелничка ќелија. Тој никогаш и на никого не се покажувал, само во тој ден, по Божјо устроение, дошол во црквата што се наоѓала во селото, за да се причести со пречистите Христови Тајни.

По завршувањето на Божествената Литургија, Макариј го поканил монахот да дојде во неговиот дом на заедничка трпеза. По трпезата, кога сите поканети си заминале, Макариј го задржал монахот и кога го одонел на осамено место, паднал во нозете на старецот и му рекол: “Оче! Дозволи ми утре изутрина да дојдам кај тебе, бидејќи сакам да го побарам твојот искусен совет за понатамошниот мој живот! ” “Дојди, чедо кога сакаш“- одговорил старецот и по тие зборови си тргнал.

Следниот ден Макариј рано изутрина отишол кај старецот и му ја открил тајната на своето срце дека со сите свои сили сака да се труди за Господа и истовремено усрдно го молел да го научи што да прави за спасение на својата душа. Со душеполезни беседи старецот го задржал Макариј кај себе во текот на целиот ден. Кога сонцето зајдело, тие вкусиле малку леб со сол и старецот му наредил да легне да спие, а самиот тој застанал на молитва, устремувајќи го својот умот во висините.

Кажувајќи му уште поуки за молитвата, бдението и постот, старецот го испратил со мир.

Враќајќи се дома, блажениот го раздал на сиромашните целиот свој имот, не оставајќи за себе ништо, па дури ни за насушните потреби. На таков начин се ослободил од сите животни грижи и самиот станал како сиромашен, и тој повторно отишол кај старецот, за целосно да се предаде на служење на Господа, што одамна го посакувал. Старецот со љубов го прифатил смиреното момче, му го покажал почетокот на безмолвното монашко житие и го научил на вообичаеното монашко ракоделие – плетење на кошници. Притоа за него подготвил посебна ќелија во близина на својата, бидејќи самиот сакал да Му служи на Господа во осаменост. Го одвел својот нов ученик во новоустроената ќелија, повторно кажувајќи му ги потребните поуки за молитвата, храната и ракоделието.

Така блажениот Макариј, со Божја помош, почнал да го минува тешко монашко служење и од ден на ден преуспевал во монашките подвизи.

По извесно време во селото Птинапор се случило да дојде епископот на таа земја и дознавајќи од жителите на селото за подвизите на блажениот Макариј, го повикал кај себе и го поставил, против негова желба, за клирик на локалната црква, иако тој сеуште бил млад. Но, свети Макариј, измачувајќи се од должноста на клирик, која го нарушила неговото безмолвно житие, по неколку дена избегал од таму и се населил во пусто место околу друго село.

Кај него дошол еден благочестив човек од прост род, кој почнал да му служи, продавајќи го неговото ракоделие и купувајќи со добиените пари храна.

Кога преподобниот наполнил четириесет години, тој ги добил од Бога даровите на чудотворство, пророштво и власт над нечистите духови. Во исто време бил ракоположен во свештенички чин и поставен за настојател (авва) на монаси кои живеат во скит. Тој често го посетувал и својот учител свети Антониј Велики и од него добивал многу поуки. Заедно со уште други двајца ученици на преподобниот тој се удостоил да присуствува на неговото блажено упокојување и како најбогато наследство го добил жезалот на светителот. Заедно со него преподобниот Макариј го примил двојно и неговиот дух, како некогаш Елисеј. Со силата на тој дух Макариј извршил многу прекрасни чудеса.

Поради многубројниот народ што доаѓал кај него, преподобниот имал малку време за во осаменост да се предаде на богомислие. Затоа тој под својата ќелија ископал длабока пештера, долга околу половина стадиј, каде се криел од оние кои постојано доаѓале кај него и го нарушувале неговото богомислие и молитва.

Во деновите на преподобниот Макариј, во истите пустински места со својот добродетелен живот засветил друг преподобен – Макариј Александриски. Тој бил презвитер во манастирот што се нарекувал Келиј. Таа област се наоѓала во пустината меѓу Нитрија и скитот. Блажениот Макариј Александриски често доаѓал кај Макариј Египетски, бидејќи тие имале голема љубов еден за друг.

Кога безбожникот император Валент арианецот станал цар, тој подигнал жестоко гонење против православните. Во Александрија, по царска распределба, пристигнал Лукиј, аријански епископ, со многубројна војска, која го симнала од епископската катедра православниот епископ, блажениот Петар, преемникот на свети Атанасиј Велики. Освен тоа, Лукиј испратил војници во пустината, за да ги пратат во прогон сите свети отци пустиножители. Меѓу првите биле фатени и двајцата преподобни Макарии. Војниците ги однеле на еден оддалечен остров, чии жители не знаеле за вистинскиот Бог, туку се поклонувале на идоли. Еден од идолските жреци на тој остров имал ќерка, опфатена од бес. Кога го почувствувала доаѓањето на преподобниот заедно со другите отци на островот, девојката почнала да трча кон нив, силно викајќи: “Зошто дојдовте овде? Овој остров е наше дамнешно живеалиште”.

Преподобните се помолиле, го изгониле бесот од девојката и таа оздравела. Кога го видел тоа нејзиниот татко, идолскиот жрец, веднаш поверувал во Христа и примил Свето Крштение. Исто така и сите жители на островот се обратиле кон Христа и го претвориле својот пагански храм во христијанска црква.

Кога разбрал за она што се случило, грешникот епископ многу се засрамил што истерал такви големи отци од нивните манастири. Затоа тајно испратил повторно да ги вратат блажените Макарии и сите свети отци, кои биле со нив, на местото на нивното претходно обитавање.

Кај преподобниот Макариј Египетски од секаде доаѓало мноштво народ: едни – за душевна полза, за да добијат од него поука, други – за исцелување од своите немоќи. Затоа се појавила потребата за изградба на гостопримници, каде што патниците и болните ќе можат да најдат засолниште. Тоа и го направил преподобниот Макариј. Тој имал обичај секој ден да исцелува еден болен, помазувајќи го со свет елеј и го пуштал дома сосема здрав.

За преподобниот Макариј отците раскажуваат дека тој станал како земен бог, бидејќи подобно на тоа, како Бог, макар и да го гледа целиот свет, но не ги казнува грешниците, и преподобниот Макариј ги покривал човечките слабости што ги гледал. И дури и да гледал, тој бил како да не гледал, и да слушал, бил како да не слуша.

Таков е животот, смртта и преминувањето во вечниот живот на преподобниот отец наш Макариј.

Завршувајќи го расказот за животот на преподобниот, да Го прославиме Отецот и Синот и Светиот Дух, Единствениот Бог, прославуван во Своите светии во веки. Амин.